Пишува: Сунчица Уневска

Порталот „Цивил медија“ направи нарачано интервју со „филмската критичарка“ Ана Василевска во екот на трката за директор на Агенција за филм. Целта, бидејќи друга логика нема, е да се поддржи поранешниот директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, кој според неофицијални информации е разрешен од оваа функција на 6 октомври, со тоа што, ако не може да остане он, на таа функција да дојде некој од неговото најтесно окружение. На тој начин, ем нема да се види што правел, ем ќе си продолжи сè исто како што беше и досега и ќе можат да си ги задржат сите привилегии и Тозија, и Василевска и тесниот круг од ДФРМ, предводен од претседателот Игор Иванов. Зошто интервју со Василевска, па затоа што, за оние што го следат Тозија и читаат што зборува, кој друг подобро би ги повторил сите небулози што тој ги кажува и кој друг така буквално би образложувал сè што си припишува Тозија, а нема врска со стварноста.

Навистина е срамота на овој начин да се врши лобирање, особено од еден портал кој за себе сака да тврди дека е независен и отворен и дека се бори за слобода на говор и за човекови права. Она што е страшно, е што токму „Цивил“ како непрофитно и невладино национално граѓанско здружение, кое многу одамна живее и е поддржано со европски пари, влегува во спрега со партиски интереси и буквално одработува за власта. Кај нас не е само разочарувачки тоа на кое ниво се сведоа медиумите и порталите, колку се во служба на политиката, туку разочарувачки е што и вакви здруженија и организации кои треба да се пример за борбата против тоа, всушност, многу отворено си застануваат во поддршка на луѓе што ја злоупотребуваат својата положба и ги проневеруваат финансиските средства. За случаите околу Агенцијата за филм се напиша доволно, и тоа со факти, се произнесе и Антикорупциска, се случија мноштво скандали, па сепак „Цивил медија“ без никаков срам, а најжално, ниту професионалност, застанува во одбрана и лобирање за Горјан Тозија. А во позадината на овој портал има луѓе со огромно новинарско искуство кои дури претендираат на тоа дека се бардови во новинарството. Колку жалосно.

Да тргнеме од фактите и логиката, па и од сопствениот пример. Јас работам како филмска критичарка повеќе од 30 години, но досега никој не ми направил интервју како филмска критичарка. Видете, ние во Македонија имаме неколку навистина сериозни филмски критичари, кои таа работа со години ја работат многу квалитетно, издржано и исклучително добро ја познаваат состојбата со македонската кинематографија. И не само тоа, и јас, а и тие критичари, како Благоја Куновски, Марина Костова, постојано преку Меѓународното здружение на критичари „Фипресци“ ја претставуваме Македонија низ целиот свет со учество во меѓународни жирија.

Тука да ја споменам и Гена Теодосиевска, која исто така е член на здружението „Фипресци“, и не само што учествуваме во жирија, туку често сме поканети и на меѓународните фестивали како новинари и критичари, но и да партиципираме во жирија на нивна покана, на тренинзи, на различни проекти, на форуми за филмска критика, а секој од нас има соработувано и за странски медиуми на полето на филмот и критиката. Освен тоа, сите споменати сме биле и селектори и координатори и уметнички директори и што уште не, па не сум видела (освен за Теодосиевска, но во функција на директорка на „Браќа Манаки“) некој да нè повика и да направи интервју со нас како филмски критичари. Бидејќи, тоа не е доволно, нели!?

Затоа, многу отворено прашувам, како тоа овде се прави интервју со „филмска критичарка“, која тоа и не е, и се набројуваат функции што ги доби откако Тозија е директор на Агенцијата. Тоа за „Цивил медија“ е доволно за со неа да направи интервју, поставувајќи ѝ прашања како да го интервјуира Тозија, бесрамно мислејќи дека не ги знаеме напамет изјавите на Тозија што ги повторува цели 3 години, а кои Василевска така добро научено напамет ги повторува.

Да не е смешно, ќе биде трагично верувањето на Тозија, дека поради неговата стратегија се случува успех во Македонија. И замислете, некој на тоа му верува, и он со тој успех сака да продолжи… Знаете што, за човек кој ги познава работите би требало да му биде јасно дека директор на Агенција за филм не може да пожнее успеси во првата година од директорувањето во област во која за еден филм се потребни најмалку 3 години. Доволно е да го кажете тоа, но се разбира има уште многу. Да се направи стратегија и таа да покаже резултати во една ваква област, се потребни најмалку, ама баш најмалку, 5 години, бидејќи реално е потребно многу повеќе.

Кога ќе прочитате кои сè успеси си ги припишува Тозија, да не ви се верува. „Медена земја“ секако не е заслуга на Тозија, ни најмалку, „Исцелител“ не е успех на Тозија, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ не е успех на Тозија и уште редица други филмови кои се развиваа со години за да дојдат до тој резултат и да имаат успешни претставувања надвор. За кои млади луѓе постојано зборува Тозија, а за кои се зборува и во ова интервју? Вака, младиот Ханис Багашов, исклучително успешен и поддржан меѓународно, овде не е поддржан, замислете, бидејќи е млад, има 19 години и, се разбира, нема диплома. И не само Багашов, Игор Христов кој заврши во Бугарија и веќе 15 години прави успешни кратки филмови и оди на фестивали, не може никако да дојде до долгометражен филм, па си размислува да си замине, Антонио Велјаноски, кој заврши и остана да живее во Прага, исто така, аплицирашe и е одбиен (а со неговиот претходен филм „Мисинг дог“ поддржан 2015 сега влезе на фестивал во Њујорк), Леон Ристов, кој годинава беше единствен наш претставник на Саревскиот фестивал, филмот го направи со пари од неговиот американски универзитет, Димитар Оровчанец кој годинава доби поддршка по 14 години чекање, сигурно не спаѓа во тие, како и Игор Јовчески, кој не можеше никако да добие поддршка за документарецот за 13-годишниот Марко Пејчиновски, кој со болна нога пливаше во Охридското Езеро итн,итн.

Кој спаѓа во младите за кои зборува Тозија, бидејќи веќе пишувавме за имињата и продукциите што постојано ја добиваат поддршката, истите продуценти со различни имиња на продукциски куќи. За кој нов бран зборува Тозија, што тој го поддржал со својата направена стратегија во овие три години? Навистина е смешно и сите филмаџии тоа го знаат. Но, ете, „Цивил медија“ и некои други веројатно веруваат „во важните зборови и постигнувања на Тозија“ кои толку упорно ги форсира. Па, знаете што велат, стопати повторена лага, станува вистина.

А уште посмешно е што „Цивил медија“ е толку амбициозен па низ разговорот со „филмската критичарка“ сака да направи анализа и на состојбите во регионот. Немам зборови да кажам колку е ова небулозна изјава: „Во овој миг сметам дека македонската кинематографија која е толку горе, и едноставно толку оди напред пред сите овие регионални кинематографии, можеби бугарската исто бележи значаен скок, така што навистина сега веќе се гледа на нашата филмска уметност со да речам една завист во позитивна смисла и навивање за тоа, кога веќе не е неочекувано кога македонски филм да влезе на престижните филмски фестивали, истиот да биде во исчекување на награда што не е баш случај со регионалните филмови“. Страшно нешто. Па дури и во позитивна смисла?? А за состојбата во регионот треба да зборува некој кој навистина следи филм и знае што се случува во регионот.

Само пред неколку дена филмот на Јасмила Жбаниќ од Босна и Херцеговина, „Кво вадис Аида“, имаше извонредно претставување на Венецискиот фестивал во главната програма, во трка за „Златен лав“. Во февруари Срдан Голубовиќ од Србија со својот филм „Татко“ ги полнеше салите на Берлинале, за кој не можеше карта да се најде, освојувајќи ја наградата на 20-илјадната публика итн, итн. А за „Медена земја“ цел регион беше едноставно горд на Македонија и имаа огромни текстови и интервјуа во нивните медиуми. Кој пишува кај нас така за нивните филмови, освен споменатите два-тројца македонски критичари што редовно ги следат фестивалите.

И на крајот, најсмешното, немало влијание на политиката во филмот????? Младите со кои континуирано објавуваме интервјуа во филмскиот магазин ФИЛМ+ постојано прашуваат, што треба да се направи за да се добие поддршка од Агенцијата за филм? Во нашата земја нормалното прашање би било, како да побегнеме од политиката за конечно да кренеме глава. Па, најдобар пример за спрегата меѓу политиката и културата (а за медиумите и да не зборуваме) е токму однесувањето на „Цивил медија“ и ова интервју. Подолно од ова не може да биде!

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.