Локаните избори – игра без граници

399

Пишува: Наташа Доковска

Се ближи денот на гласање на вториот круг од локалните избори…Резултатите од првиот изборен круг ги следев од дистанца од неколку илјада километри, и да бидам искрена бев многу по раат. Најмногу поради тоа што ја избегнав онаа негативна енергија. Избегнав да ги читам сите соопштенија и  покани за прес конференции, кои сега кога ги разгледувам пост фестум ми се смешни.

Читам се јавуваат во последниве денови задскриените новинарски пера, надевајќи се дека пак ќе се вратат во нивниот одвратен сјај и ќе изигруваат локални шерифи. Голем број некогашни, мислам од режимската влада, функционери, се надеваат дека пак ќе ги заседнат фотељите. Граѓаните, оние кои тврдат дека биле напатени измантиве неколку години (иако не верувам дека има такви) веќе се фалат каде ќе се вработеле од понеделник па натаму. Се закануваат и веќе се фалат дека се победници.

Од друга страна, пак, владината коалиција, пак, со грдни маки се бори за секој глас и ветува се и сешто, без разлика дали е реално или не, ама барем не уценува, не прави реваншизам и што е уште поважно, не е режим…За воља на вистината овие демократијата ја разбираат малку поинаку – раскалашеност на сите нивоа. Се надевам дека пораката од резултатите од првиот круг ја сфатија, разбраа дека партијата не е и не смее да биде јавно-приватно партнерство, дека граѓаните не прифаќаат родител 1 и родител 2….дека не смее да помине ништо без казна, па колку и да е болна…И дека лажењето не смее да биде императив во ветувањата кои ги испраќаат на сите страни.

Бескурполозно ни ја навредуваат интелегенцијата, по сто пати „иста плоча пуштаат„, особено онаа за метлата која е „копи пејст“ од последните митинзи за парламентарните избори, ни се смеат во лице и не лажат дека ќе биде подобро. А, и самите не веруваат во тоа! Или, зошто баш сега ќе биде подобро, односно зошто не направија да им биде добро на сите изминативе години? Локалните шерифи запоседнати по  општините се однесуваа како се да почнува и завршува со нив.

И сега, оф леле мајко!!!

Поправен не знам до колку се дава!

Но, ајде и преку тоа да поминат граѓаните, како да поминат преку валканата кампања. Злоупотреба на информации, лажни информации, напаѓање по семејните вредности, плукање меѓу довчерашни соборци…

И сега, кому да му веруваме?

Последниве дена митинзите почнаат да стануваат места на инциденти, а не простор од каде ќе се упатуваат позитивни пораки. И додека едните плачат за глас, другите со тупaница рака најавуваат победа.

И едните и другите се за никаде!!! Но, разликата е во тоа што едните се режим, а голем дел од населението се бореше против режимот, нели? Е па сега од двете зла треба да се избере помалото!

Но, прашање е дали може да се скрши кичмата, да се замижи и да се излезе да се гласа?

Секој сам нека си одлучи, политичарите имаа 4 години да не убедат во нивните политики!