дома Култура Маја Павловска официјално доби титула – Интернационален Цертифициран Уметник!

Маја Павловска официјално доби титула – Интернационален Цертифициран Уметник!

452

Познатата мултимедијална уметница Маја Павловска, која повеќе од една деценија живее и твори во Утрехт, Холандија, по бројните интернационални изложби, се закити со престижна титула Интернационален Цертифициран Уметник. Специјално за text.mk Павловска објасни како ја стекнала оваа голема чест.

-Добив покана од НАБК Национална Асоцијација на визуелни уметници на Холандија, ако сакам да аплицирам за добивање титула ИЦА или Интернационален Цертифициран Уметник. Откако ја собрав целокупната потребна документација, линкови до моите уметнички дела и ги исполнив сите барани услови од страна на Интернационалниот Институт за акредитација на уметници, ја поднесов апликацијата на почетокот на Август 2020. На 22ри Септември ја добив конечната одлука на бордот на Интернационалниот Институт за акредитации на уметници дека од тој ден, 22ри, станувам и официјално Интернационален Цертифициран уметник, со што моето име за неколку дена ќе биде заведено во регистерот на цертифицирани уметници на ниво на цел свет, а официјалната кратенка ИЦА, која можам да ја користам секаде до моето име е светски позната и призната. Се радувам што уметноста, која ја носам од детски денови во себе, конечно е и интернационално препознаена. Титулата ИЦА им ја должам на целото мое семејство, што ме трпи по дома со расфрлени бои, четки, платна, низ насмевка ни кажува.

Покрај безрезервна поддршка од семејството, во сите години наназад, поддршка добивала и од нејзините пријатели и колеги, а особено ја истакнува Ратка Илиева – Лале, која била нејзин професор и ментор, се до нејзиното напуштање на овој свет во 2008.

-Од неа научив многу. Веруваше во мојата уметност. Тука е и Жарко Този – кустос, кој ме убеди да почнам со мои самостојни изложби во далечната 1996 и напиша одлична критика за моите дела, потоа Љупчо Маленко – кустос и директор на Културно информативен центар – Скопје, чиј текст и обраќање до публиката ми даде уште поголема мотивација да продолжам понатаму во уметничките води, како самоук сликар, да го споменам НГО Арт студио и Ирена Гапковска за нивната препорака, како и на НАБК за нивната покана.

Им благодарам на сите спомнати и неспомнати пријатели, уметници, музичари, новинари, кои на било кој начин биле дел од мојот уметнички пат и оставиле траг во мојот уметнички подем, искрено заблагодарува Павловска. Во пошироката јавност е запаметена како текстописец на хитови, а за Тоше Проески го направи препевот за дуетската со Есма “Магија” , и текстовите за “Сон егзотичен” и “Парче од Европа” .

Ва. Ѓ. Парго