дома Живот Социјална политика МАЈА ПАВЛОВСКА, СЕСТРАНА УМЕТНИЦА: Четирите ѕида во Македонија ме ограничуваат!

МАЈА ПАВЛОВСКА, СЕСТРАНА УМЕТНИЦА: Четирите ѕида во Македонија ме ограничуваат!

Валентина Ѓоргиевска Парго

264

Месецов го означија „16 дена женски активизам“ во борбата против насилство врз жени. Она што мора првенствено да се истакне кога станува збор за Вас е дека сте жена активистка чија борба трае многу многу подолго. На почеток, да се осврнеме на Вашето неодамнешно учество на изложбата „Не молчи, пријави насилство“, организирана од Новинари за човекови права во „Јавна соба“ на седми декември, кaде се претставивте со еден цртеж…

-Пред се, благодарност за поканата за учество и поздрав до читателите, кои Ве следат. Во врска со изложбата насловена како „Не молчи, пријави насилство“, многу ми се допадна идејата, преку цртеж, текст, писмо, се тоа рачно напишано или изработено, да се пренесе вистинската порака на горенаведената тема, а која би била разбирлива за секого. Со оглед на тоа што се работеше за борба против секаков вид на насилство, беше неминовно да бидам инспирирана од мојата 27 годишна лична борба како лице со посебни потреби против институции и архитектонски бариери…

Колку долго ви требаше да го осмислите и изработите овој цртеж ? А што се однесува до инспирацијата и пораката, нема сомнение дека таа сама ви се наметна, врз база на Вашето биографско доживување.

Насловот на цртежот е „ВО СВЕТОТ НА “СОВРШЕНИТЕ”, а од приложената фотографија од цртежот, мислам дека пораката е повеќе од јасна. И после долги години, за некој месец точно 28, се чувствувам заборавена од мојата родна земја и општеството во кое живеев до пред десет години. Не само јас, туку и сите луѓе со посебни потреби, чија потреба за независно движење директно зависи од решавањето на архитектонските бариери секаде, на ниво на цела држава, од домовите, до секаде, каде што имаме потреба да се движиме со нашите помагала. Можеби некому ќе му се наметне прашањето, кое веќе го слушнав неколку пати во смисол, „Што па ти, од Холандија, се буниш на оваа тема ?“. На тие таквите, на кратко ќе им кажам, се додека имам македонски пасош, македонско државјанство и додека плаќам данок во таа држава, имам полно право да се борам за моите права и посебни потреби, како и правата на сите луѓе со сличен проблем. Исто така, не признавам ни коментари од типот „Ни луѓето без посебни потреби немаат услови, а камоли лицата со посебни потреби“. Нив би ги прашала- од каде им право да имаат предност? Само треба да бидат свесни дека никој од нас не знае што може да му се случи во следните 5 минути. И мене сето ова ми се случи 10 минути откако се разбудив, пред три децении. Но, се е тоа таму погрешно поставено, погрешно воспитување од мали нозе и нормално, автоматски произлегуваат вакви, нелогични и дискриминаторски прашања. Јас лично, на вакви погрешни логики одговарам со насмевка, заради долгогодишното искуство и давам одредено, разумно време за поправка, или превоспитување.

Изложбата беше минималистичка и експериментална, со тоа што акцент се стави на пораката, а рачно напишаните писма на жените-жртви на насилство, и оние кои дадоа поддршка, како и цртежите  беа испринтани на  бела хартија, А4. Колкава димензија е оригиналниот цртеж и каде планирате да го изложите?

-Оригиналниот цртеж е во истиот формат А4. Само што ја слушнав темата за изложбата, приборот ми беше при рака и го направив за многу кратко време, веројатно заради долгогодишната борба и се уште нерешениот проблем, долго тлеела инспирацијата за цртежот. А нерешавањето на овој проблем во 21 век од страна на сите власти до сега,  заради што ние сме принудени да живееме меѓу четири ѕида, не е ништо друго, но насилство врз лицата со физички хендикеп. На изложбите на кои настапував овде, во Холандија и во земјите во Европа, а ми следува во Април и уште една изложба на саемот за уметност Art Eindhoven 2019, оваа тема одамна не е актуелна, затоа што одамна ја решиле пристапноста. Тука секојдневно се случуваат некои други, пософистицирани барања, како и решенија, односно поволности за луѓето со посебни потреби, до степен, навистина човек да се чувствува како да нема никаков проблем. Се додека не видам дека се решени архитектонските бариери на ниво на цела Македонија, оригиналот од овој цртеж Ви го испраќам Вам, за да ги потсетува властите секојдневно дека имаат многу работа до влез во ЕУ!  Што порано се зафатат со решавање, тоа подобро, затоа што со најновата европска стратегија за лицата со посебни потреби, до 2023 година, покрај многу софистицирани иновации, не смее да постои ниту едно и најмало место на територија на ЕУ, кое би било непристапно за влез со помагало. Значи нема да имам потреба како до сега да прашувам дали на одреденото место има или нема пристап за мене.

Борбата за женските права не престанува, особено на жените на кои им е потребна пооголема и специјална поддршка од државата. Чисто да споредиме како стојат работите на тој план, во Македонија а како во  Холандија, ако воопшто може да се спореди.

-Многу е тешко да се направи споредба, бидејќи во Македонија зборуваме за изградба на соодветна лесно пристапна инфраструктура или со други зборови, овозможување на ОСНОВНИ услови за нормален живот на луѓето со посебни потреби, нешто во што не е инвестирано со години наназад. Додека во Холандија е решен тој проблем првично уште во педесетите години, кога државата им излегла во пресрет на воените инвалиди. Но подоцна, во седумдесетите, доаѓа првата социјална влада, која се завзема многу посериозно, инвестира многу во инфраструктурата, вело-патеки, рампи, лифтови итн., за веднаш да ја реши пристапноста за лицата со посебни потреби. Значи зборуваме за две различни димензии на свест на одговорните луѓе за спроведување на основните  услови за нормален и самостоен живот,  кои овде веќе педесетина години овие лица ги имаат. Ретки се места каде што јас не можам да влезам со скутер и да се движам. Тука сакам да спомнам дека еден од ретките НЕпристапни објекти е Македонска Амбасада во Ден Хаг. Инаку генерално можам да посетам било кој јавен објект, продавници, институции итн. се гради и надвор и внатре по одредени стандарди, за да не се почувствува никаква пречка. На ниво на општина се решава пристапноста дома, со адаптирање на станот, излезот од дома до надвор, обезбедено помагало, обезбеден такси превоз, евентуално потребна помош за одржување на домот, или лична помош едноставно сите живеат еден покрај друг, без никакви предрасуди или дискриминација. И кога зборуваме за мрежата на вело-патеки, по кои се движам со мојот скутер, целата земја е покриена така, да можам од било која А точка да стигнам до било која Б точка без никаква пречка. На  тротоарите, на секои 10-20 метри, има рампи направени по стандардна косина и многу вакви адаптации и во јавниот превоз. Нема споредба ниту со Холандија, ниту со светот. Колку сме далеку со свеста, ќе ви го кажам и овој податок.-Рузвелт ја имал една од најретките дијагнози, исто како и јас, Guillain–Barré syndrome, но како лице со посебни потреби, уште во првата половина на 20 век, значи пред скоро сто години, станува претседател на Америка. Можете ли тоа да го замислите во Македонија, каде се уште се убедуваме со властите и во овој, 21 век, за основни услови за непречено движење? Каде што предрасудите се толку големи, што се уште има луѓе кои се плашат од луѓе кои користат помагала?  А, што се однесува до заштитата од насилство, не би делела на машки и женски права,туку само човечки права. Едноставно со самото тоа што законите функционираат максимално,  свеста на поголемиот процент од граѓаните е на високо ниво и не им дозволува да не ги почитуваат. Секој може да биде казнет за непочитување на законот, без разлика дали е маж или жена. Евентуално насилство, строго се казнува, без разлика од која страна доаѓа, машка или женска.

Иако десеттина години веќе не живеете во Македонија, бевте прва која поведовте иницијатива за решавање на овој проблем, а воедно и јавно и директно му се обративте на Премиерот. Добивте одговор?

-Спомнав погоре дека мојата борба е 28 годишна. Никогаш не молчев во врска со овој проблем. Секогаш бев гласна, но што ако? Никој немаше желба да ме слушне. Се уште гледам, за да се добие чувство дека наводно нешто се прави  за овие лица, се организираат некои приредби или ревии за радост од ден или два. А што правиме со останатите 363 дена? До сега не наидов на свесност и разбирање од никого во Македонија за потребата од независно движење и нормален живот на лицата со посебни потреби. Затоа и се уште е актуелна оваа тема, што мислам дека е срамно во денешно време. До господинот Зоран Заев и луѓето одговорни за оваа работа,  се обратив со отворено писмо со нагласени 4 ОСНОВНИ точки за решение на проблемот, без кои чекори, се што евентуално би тргнале да решаваат, би било без успех. Еве еден од примерите. Слушнав дека ќе вработувале лица со посебни потреби. На кој начин го планираат тоа? Како би вработиле некој како мене, што живее на четвртти спрат без лифт? Или и при вработувањето ќе има повторно дискриминација, па ќе се вработуваат само оние кои немаат проблем со пристапност до и од нивните домови? Инаку моето отворено писмо е објавено во Фокус на 15.09.2017 гоидина. До сега не добив никаква реакција. Тука сакам да копирам еден исечок од европската стратегија за лица со посебни потреби 2017-2023, па ако не сакаат да го чујат мојот апел, нека прочитаат надлежните, нека бидат во тек и нека имплементираат:

…”The Council

of Europe Strategy on the Rights of Persons with Disabilities – Human Rights: A

Reality for All – outlines the Organisation’s priorities in the period 2017-2023.

The overall goal of the Strategy is to achieve equality, dignity and equal

opportunities for persons with disabilities in specific areas where the Council

of Europe can make an input. This requires ensuring independence, freedom

of choice, full and active participation in all areas of life and society.

This will be achieved through work and activities around five priority areas:

  1. Equality and non-discrimination
  2. Awareness raising
  3. Accessibility
  4. Equal recognition before the law
  5. Freedom from exploitation, violence and abuse….”

А, еве и линк до целата стратегија 2017-2023, на која во моментов работи ЕУ:

https://www.google.com/url?sa=t&source=web&rct=j&url=https://rm.coe.int/16806fe7d4&ved=2ahUKEwj_iIacja3fAhUSLFAKHb5KADQQFjAAegQIAhAB&usg=AOvVaw0CygsHXdk5gdMDxcnfkBJB

За крај, навистина, кога да Ве очекуваме во Вашето родно Скопје?

-Се занимавам со уметност, но мојата професија како менаџер, ми наметнува да следам се што се случува и додека гледам дека не се менаџираат и апдејтираат паралелно сите проблеми во општеството, а акцентот е ставен само на надворешната политика и се’ друго е занемарено или се прават некои минимални или парцијални решенија, знам дека нема да има никаков резултат. Првиот момент, кога ќе слушнам дека сериозно почнало решавањето на проблемите во сите сегменти на општеството, а особено на инфраструктурата за непречено движење со помагало, во мојот случај скутер и кога ќе ми се овозможат услови да можам да го посетам мојот дом, тогаш ќе дојдам. Се додека престојот би ми поминувал затворена помеѓу 4 ѕида, одбивам да дојдам! За жал, до тогаш, ми останува само да ја прелетувам мојата родна земја, до дестинациите, каде што можам да функционирам без никаков проблем!

Фото: Маја ГБ

Текстот е дел од проектот „Не молчи, запри го насилството“ на НЧП и WWDP.