дома Живот Социјална политика Меланија: Молам за достоинствен живот на заболените бездомници и решавање на нивното...

Меланија: Молам за достоинствен живот на заболените бездомници и решавање на нивното прашање!

267

Во пресрет на први Мај денот на трудот, кога луѓето во Македонија се организираат за масовни работнички протести, за подостоинствен живот,  на фејсбук прочитавме уште една искрена интимна исповед, и апел за помош.
Со оглед на тоа дека неколкугодишната неуморна и тешка борба на граѓаните беше за граѓанско и праведно општество во кое секој ќе го добие заслужениот третман, достоинствен живот, и никој веќе не смее да остане гладен и без покрив на главата, веруваме дека државата ќе оди во насока да создаде цивилизиран и хуман систем, во кој ќе има помош за секого.

Интимната исповед на Меланија, повикува на тоа:

-Братот мој! Мојата најголема болка!

Слика број 1: после седум месеци во Бардовци каде се лекува, со дозвола го земавме и прошетавме цел еден ден. Терапијата ја понесовме со себе. Соработуваше, беше мирен, свесен дека си го уништил животот, и го допрел дното. Возбуден, плачеше пола ден, плачев како мало дете и јас со него. И покрај се, јас не сум психијатар, но тој не е се уште способен да излезе од таму и потребно е време за да биде психофизички спремен за такво нешто.

Потоа се наметнува друго прашање, каде понатаму? Прашавме по манастирите, домовите, луѓето кои издаваат соби. Во манастирите има луѓе кои се лечат од дрога како зависност, но не и вакви случаи. Домовите приватни се од 18. 000 – 25.000 денари, државните зависно од пензијата. Тој нема официјално забележан работен стаж, иако има работено на повеќе места. Прашање е и што би правел тој со 39 години таму?! Третата опција е исто така невозможна мисија. Никој не издава соба на човек со параноидна шизофренија која е контролирана, колку и да со терапија е мирен, неагресивен, работлив и способен донекаде за извршување на попрости нормални работи.

Ги замолувам од болница Бардовци, кои досега беа коректни да не го пуштаат додека не се пронајде соодветно достоинствено решение. Во спротивно повторно ќе биде бездомник, кој нема да може да ја зема терапијата, опасен и за себе и за околината. Мојот брат не е единствен случај, овде треба системско решение за бездомниците.

Ги замолувам луѓето кои ми се фб пријатели од социјалата, а се познаваме и лично да ми помогнат, и да им помогнеме заедно на овие луѓе. Тие имаат свои таленти и можат да допринесуваат. Но, ако како и досега се пуштат да шетаат по сите населби, кои со нарушено ментално здравје, кои со други заболувања, набргу ќе има се повеќе нападнати луѓе, деца, или самите ќе починат поради лоши животни услови и време…

Апелирам да ми помогнете, нема да ве тагирам, ме читате, или ви пренесуваат тие што ме читаат.

Сликите број 2,3 се од него како бездомник, другите се кога беше до некаде барем наизглед во ред.

Молам за достоинствен живот и на оваа група на луѓе…