дома Живот Здравје Менструација не е срамен збор!!!

Менструација не е срамен збор!!!

Кога капе менструацијата тоа не е срамота! Тоа е животен  процес!  (забележана интимна женска  исповед)

594

Processed with VSCO with l5 preset

Пишува: Валентина Ѓоргиевска Парго

 “Менструацијата е главната причина за големата омраза меѓу свекрва и снаа, а не синот, кого и двете го сакаат. Да не би постоел тој психолошки момент, тие би се здружиле и би работеле се во интерес на точката која ги спојува, односно мажот кој на едната и е најважен затоа што и е син а на другата и е најважен затоа што нему му ја доверува својата иднина и тој е татко на оние кои најмногу ги сака- нивните деца. Но, љубомората на свекрвата е од психолошки карактер дека во тој период ја губи менструацијата, а со тоа и главниот женски симбол, и малку по малку оди во фаза кога нејзиното тело се збогува со целосната женска функција, додека ја гледа снаата свежа, цути и се радува на својот комплетен  женски живот, е она што го разјадува нивниот однос”.  Ова психолошко толкување го прочитав кога бев некаде на тинејџерска возраст, и го игнорирав како нецелосно аргументирано и ненаучно. Мислев дека тоа и не е баш така, дека е уште една добро продадена медиумска приказна. Но…

За поимот “менструација” слушнав од мојата најдобра другарка. Некој месец пред и самата да ја добијам. За малку и ќе добиев прв менструален циклус и којзнае колкав шок ќе ми предизвикаше тоа, од незнаење. Таа тогаш ми кажа дека мајка и и татко и еден ден, на прагот на нивниот пубертетски период,  ги раздвоиле неа и брат во посебни соби и им објасниле што се случува кај машкото, а што кај женското. Таа се ми раскажа, а мене како горчлива кнедла да ми застана, од страв од тоа непознато.

Моите родители не беа срамливи, отворено зборуваа со нас, мене и брат ми, но чинам дека сметале дека сега не е уште дојдено времето, дека уште сме мали, дека доволно објаснува онаа една лекција за системот на човечка репродукција што ја изучувме бегло во некое од првите одделенија … А и навистина не ми паѓа на памет и натаму да погодувам, не знам зошто не ни ги објаснија сите тие поими. Како веќе поткована со основна информација оној ден, она попладне, кога прв пат забележав крв на гаќичките испаничено притрчав во дневната каде моите родители пиеја кафе со гости, ја тргнав мајка ми за рака и ја поведов на балконот.  – “Мамо, јас имам менструација?” и реков додека го слушав срцебиењето свое, а таа само смирено и ладнокрвно ми рече “земи вата од мојата  фиока и седи уживај”. Татко ми, со кого бев далеку поблиска, дотрча да види што ми треба и бидејќи беше го слушнал само едниот збор  загрижено ме праша,”што имаш, вошки?” – Ајде оди во собата, женски муабети се ова, го поттурна поднасмеано мајка ми. Мислам дека тоа беше прв пат кога јас веќе почнав да имам свои интимни тајни и да кријам нешто од татко ми. Па јас станав девојка, не сум веќе дете! Понатаму, низ годините, кога ја прашував  мајка ми зошто не ме запознала со тој поим, дали можеби се срамувала, велеше дека нема од што да се срамува и дека тоа си е нормален природен процес кај жената, но дека денешните девојчиња од мали сами знаат се, не е како пред многу децении. Ме лажеше или не, како мајка која сака да заштити чувства на ќерка, мене ми остана во сеќавање тоа што свесно или можеби несвесно, таа сепак менструацијата ми ја престави како табу тема, со тоа што го оттурна татко ми и му рече-” Оди во соба, тоа се женски работи”, а не му одговори слободно – “нашата ќерка има прва менструација” . И ден денес остро ми звучи кога некој ќе спомне “имам менструација, циклус или добив, или ми дојде црвената армија, дојде тетка ми” изрази кои се употребуваат за да се дискретно означи дека некоја жена има циклус. Моите менструации во младоста беа болно прашање. Затоа што и тие самите беа болни. Освен првите неколку на кои не се сеќавам, а знам купував тогашни женски списанија да се  запознам со тој феномен, а во нив речиси и ништо за тоа не пишуваше. Јас бев полумртва, а и повеќе од тоа, секојпат кога добивав менсис. Мене, чинам цело школо ќе ме дознаеше, цел клас, сите соседи. Врескав, се превиткував од болки, кои почнуваа наеднаш, и не запира во  наредните 3-4 дена, побледував, губев здив и речиси и свест и не ретко завршував на интервентна медицинска служба, на инјекции. Превиткана на половина со дебелиот шал на мајка ми и со топли термофори во раце. Малку ми помагаа, стомак, глава, коленици, цело тело многу ме болеше. Причината за таквиот притисок што ми го создаваше месечниот циклус, кој секое доаѓање ми  беше точен во минута, никој не ја откри. Одвреме навреме некоја докторка ќе погодуваше од што би можело да е, но тоа беше на ниво на гатање, ова е, она е. Пред да наполнам 18 години една докторка ми даде практичен совет дека добро е да се напијам едно апче за болка кафетин  неколку денa пред циклусот, кога веќе ми е редовен, а години подоцна една позната пејачка со слични симптоми ми рече да земам многу, многу витамин Ц, лимонади и чоколади, ден два пред самиот циклус. Навистина беше корисно и ми помогна сето тоа, но за жал набрзо станав алергична на тие апчиња за болка, па морав повторно да  се мачам и измачувам. Бускопанот беше нешто кое најмногу ми донесе спас, и не знам дали е тоа многу или малку, но пиев по едно кутивче на циклус. Бев како полуопијанета, но функционирав. Поради таквите болни менсиси јас не се сеќавам дека бев слободна да испланирам заминување на годишен одмор со новостекнати пријателки или момче. Не се срамував, сепак не бев комотна како ќе ја прифатат таа моја состојба. Заминував со моите  најдобри другарки кои тоа го имаа, а прифатено целосно и без задршка а еднаш убаво помнам, на море во Тиват заминавме од брза помош во Охрид, поточно од дежурна, зошто вечерта мислев нема да преживеам од болки и ме однесоа на инјекции, директно од кафуле каде кога почуствував дека ми „дојде“,  ми се слоши. Мојата Заштита не беа само влошките, пробано од сите видови и фабрики, моја заштита беа и нарачаните најлонските гаќи, кои не само што шуштеа кога се движев, и туку често знаеја фармерките да ми ги направат лом. Кога од некаде ќе пробиеше крвта. И тоа се покажа непрактично. Моите другарки беа со толку уредна менструација, просто да им позавидиш. Немаа болки, истоштеност, немаа силни крварења,не купува апчиња  цела рака, не ги дознаваа дека се во „црвена фаза“. Можеа слободно да се движат секаде, да планираат секакво патување и со кого сакаат, за разлика од мене. Најмногу што јас забележав на оваа тема, кај другарка ми, беше што кога спиевме кај една заедничка другарка незнаејќи дека добила менсис во сонот, односно и подранил, утрото кога станавме беше го извалкала чаршавот со една капка, а мајка и на другарката како добра домаќинка само го тргна и незаинтересирано рече дека ќе го испере во машина,дека се случува. Мене тоа  во тој период не ми се случуваше, за среќа, зошто би можела уште повеќе да си развијам комплекс. Менструален комплекс. А впрочем, зошто би требало да имам комплекс од нешто што го одредила природата како такво, од нешто што не зависи од мене и нешто што е дел од функционирањето на животот на една жена.  Кој  на сето тоа гледа со презир, потсмев, осуда? Свекрвата која ја спомнавме? Зошто? Зар и самите немаат или немале, немаат баби, мајки, тетки, ќерки, другарки, роднини…

Пубертетот е далеку зад мене, сеќавањата речиси избледени, возраста го носи и моментот кога треба да се биде онаа “крвавата” свекрва од почетокот на текстот. Неизбежни етапи од животот на жената низ кои секоја жена ќе мине. Тој период е веќе уште подраматичен од првиот. Болките не се големи, крварењата преобилни. Често знаат да те изневерат и да се распрскаат. Да остават капка на кревет, на чаршав, на под од канцеларија додека стоиш крај прозор простум или во купатило кога не си видела добро некоја силно и недопирливо пролеана капка, на автобуска седиште. Се превиткува, ставаш триста чуда под себе да не прокапе ако оставиш капка се трудиш со шамивчето веднаш да исчистиш, да не забележи никој. А ако забележи, осудата следува. Замислете, многу повеќе од жените наместо од мажите. Оние кои треба да укажат поддршка, помош, да те утешат кога си потиштен како жена со женски проблем. Сето тоа е производ на долго чуваниот поим менструација како табу. Навистина несфатливо зошто и како настанало тоа и зошто тоа е толку за обвинување, што дури и во религијата има мислење дека жена со менсис не треба да бакнува икона, ниту да влезе во олтар. Ниту да се напие или измие со света вoдичка. Доаѓаме до поентата. Во процесот на едукација се дава минорно значење на оваа појава и се изучува со побрзо прелистуваље  на страницата. Анатомијата на женското тело е направена таква каква што е и никој нема право да го менува. Менструацијата не е срамен збор, нејзиното течење не е срамен процес, таа значи фаза во која жената може да дарува живот и плод, и затоа не смее да се прескокнува сето тоа. И во сето тоа замислете и какви се маките низ кои горе долу поминува секоја жена, уште згора на тоа  кога нема ни услови да го среди овој проблем, а ни да купи средства за одржување на личната хигиена или апче за болки. Или да не добие слободни работни денови да се смири и одмори во домашни услови. Зар и понатаму ќе е табу едно од основните здравствени и основни човекови женски права? Во слободниот век во кој живееме и копнееме по слобода и услови за живот и комоција? Зар уште? И до кога?!