дома Култура Месечината ја менува бојата, но не и суштината

Месечината ја менува бојата, но не и суштината

Кон „Месечина“, режија и сценарио: Бери Џенкинс, улоги: Махершала Али, Алекс Хиберт, Наоми Харис, Ештон Сандерс, Јанел Моне, Треванте Родс, Андре Холанд, директор на фотографија: Џејмс Лекстон, музика: Николас Брител, монтажа: Нет Сандерс и Џои Мекмилон, САД 2016.

179

„Црните момчиња на месечевата светлина стануваат сини“, тоа ќе му го рече дилерот Хуан на малиот очаен Шајрон, навраќајќи се на своето детство. Од таму и насловот на филмот „Месечина“, филм кој зборува за црните момчиња во Мајами, кои растат во едно депресивно соседство преполно со дрога и дилери, момчиња кои се обидуваат да го разберат светот околу себе и да го најдат своето место во него. Иако на прв поглед изгледа како нивниот пат да е предодреден, сепак, не е толку едноставно. Бери Џенкинс ќе направи еден многу особен филм, раскажувајќи ја приказната низ внатрешните доживувања и низ емоциите, кои зборуваат нешто сосем друго. Зборуваат за онаа универзална вистина, дека шемите и предрасудите се погрешни, дека ничија судбина не е иста со другите и дека никој не се помирува со предодреденото се додека не расчисти со немирот во себе.

Режисерот и сценарист Бери Џенкинс ќе ја подели оваа вистинска приказна на три дела, осврнувајќи се на трите различни периоди од животот на Шајрон кои, пак, носат многу интересни наслови. „Малиот“, „Шајрон“ и „Црнецот“ се, всушност, трите негови имиња или прекари, кои извонредно ја доловуваат неговата животна приказна видена низ рефлексијата на случувањата и на начинот како другите го доживуваат. Таа рефлексија е буквално и обележје на филмот, тргнувајќи од месечината, тргнувајќи од оној живот што поминува покрај него, тргнувајќи од непознатото кое го крие длабоко во себе, тргнувајќи од неразбирањето, болката и утехата, тргнувајќи од очајот и решителноста, но и од водата, чие движење, свежина и немир се вистинската рефлексија на неговите измешани емоции.

„Малиот“ е едно изгубено дете, срамежливо и без самодоверба, но кое научило извонредно да се грижи за самото себе. А и што ви останува кога нема никој друг да го прави тоа за вас? Интересно е дека Џенкинс не раскажува многу детали од вистинскиот живот на Тарел Алвин Мекрени, напротив, во секоја од овие три приказни се се врти навидум околу една случка, но затоа приказната е неверојатно доловена меѓу редови. Во тоа е и убавината на овој филм, чиј пристап е многу уметнички, во кој камерата си поигрува со емоциите и со тишината, доближувајќи ни го животот на ова место на еден толку суштествен и вознемирувачки начин. „Месечина“ е многу бавен филм со малку дијалози, тоа не е комерцијален филм, но е еден од ретките што на таков начин може да понира во нечиј внатрешен свет и да ја донесе сета болка, сета празнина, чувството на изгубеност пред непријателството со кое е опкружен, целиот страв и осаменост, но и потребата за разбирање и за припаѓање.

За иронијата да биде уште поголема „Малиот“ разбирањето и грижата ќе ги најде кај дилерот, кој всушност, ја снабдува со дрога неговата мајка. Но, ништо тука не е црно-бело, како што впрочем не е ни во животот. Тоа е свет на отпадници, но и свет на луѓе кои сакаат да им помогнат на другите да излезат од тој волшебен круг на зависници и губитници. Во него „Малиот“ ќе пронајде друг дом, ќе пронајде луѓе кои вистински го сакаат и се подготвени секогаш да му пружат утеха и мир. Исклучително силна е сцената кога Шајрон го прашува дилерот Хуан за тоа што работи и дали тој и ја дава дрогата на неговата мајка, но без никаква осуда или запрепастување, онака како што само децата умеат тоа да го прават, откривајќи ја тажната вистина. Тие тоа толку тивко и беспомошно го прифаќаат… А, всушност, авторот на тој начин испраќа една така силна порака, една осуда која боли, една вистина која може да ве расплаче, уште повеќе што децата ја прифаќаат таква каква што е, без оној очаен обид на возрасните да ја променат, иако знаат дека тоа е невозможно. Но, затоа осудата е уште поголема кога нема осуда, кога болката на Шајрон зборува сама за себе и која ќе предизвика таква бура од емоции кај Хуан, навидум невидлива…

Бери Џенкинс прави еден навистина филозофски трактат за животот, без многу зборување, едноставно, ненаметливо, без големи мисли или претенциозност, без било какво докажување, следејќи го животот на Шајрон, кој само се обидува да биде дете, да биде прифатен и да разбере. Шајрон не е ниту страшливец, ниту неразумен или губитник, не, тој е само момче кое научило да биде со наведната глава, но не затоа што нема гордост или храброст, туку затоа што не знае како. А тоа е уште потешко, уште потешка е осаменоста и игнорирањето додека околу него, во онаа „невидлива“ рефлексија се одигрува детскиот свет, оној жагор и смеа, онаа безгрижност, од која Шајрон никогаш не беше дел. За и тогаш, кога ќе ја открие својата сексуалност, да го доживее најголемиот удар, предавството од тој пред кого за првпат се „разголи“.

Се чини Шајрон нема друг избор, освен да биде дилер, и тоа како што вели добар. Но, не е тоа целиот негов свет. Научи тој да простува уште многу одамна, научи дека ништо не е толку едноставно како што изгледа, дека емоциите можат да бидат помешани, дека понекогаш лошите работи не го прават човек зол, ниту пак добрите работи секогаш се враќаат со добро. „Црнец“ го нарекуваше единствениот оној кој допре до него, но потоа и исчезна од неговиот живот. За повторно да се врати, нудејќи му ја уште еднаш можноста да допре до себе.

Mesecina 2„Црните момчиња на месечината стануваат сини“, барајќи го својот вистински одраз во рефлексијата. За многумина „Месечина“ беше изненадување, затоа што очекуваа повеќе од ова остварување кое го доби „Оскарот“ за најдобар филм. Но, „Месечина“ на Бери Џенкинс е навистина нешто сосем поинакво, филм во кој и камерата, и музиката, а особено рефлексијата секогаш ги следат емоциите, секогаш ги следат внатрешните превирања. Бидејќи, само тие се вистински. Тој одбира да проговори за животот на Шајрон на еден многу различен начин, низ размислувањето и доживувањето на светот на Тарел Алвин Мекрени, обидувајќи се да продре до суштината на болката, на разочарувањето, на оној волшебен круг од кој навидум нема излез. Во оној свет во кој ништо не е црно-бело, ништо не е едноставно и лесно, но во кој рефлексијата го носи посакуваното, исто колку што ја носи и вистината, запретана некаде далеку во нас. Вистината која може да ослободи и да донесе утеха тогаш кога е најтешко, бидејќи единствениот излез секогаш е во прифаќањето. И тоа Шајрон го научи одамна. Научи дека месечината ја менува бојата, но не и суштината, таа само дава друг поглед на нештата толку потребен во безнадежноста и безизлезот, толку потребен за да се поминат границите на оној волшебен круг.

Сунчица Уневска