Фото Indiatimes.com

Мета суптилно и се закани на Европската унија дека нејзините корисници би можеле да останат без Фејсбук и Инстаграм. Во обемниот годишен извештај на Мета до Комисијата за хартии од вредност на САД (СЕК) во четвртокот, има изненадувачки сурова реченица во која е опишано сценарио во кое Мета можеби ќе треба постепено да ги укине Инстаграм и Фејсбук во Европа.

Американските медиуми ја гледаат оваа можност како неверојатно среќна околност за Европејците, а некои од медиумите дури повикуваат истото да се случи и во САД.

Проблемот за Мета се европските регулативи за податоци кои го спречуваат преносот на податоците на Европејците на американските сервери. Во основа, Мета вели дека способноста за обработка на кориснички податоци меѓу земјите е клучна за нејзиниот бизнис, и оперативно и за насочени реклами.

Европските закони дизајнирани да ја заштитат приватноста на корисниците се обидуваат да ги задржат податоците за корисниците во надлежност (и територија) на ЕУ. Бидејќи Мета не успеа да постигне нови договори за споделување податоци, сега и се заканува на Европската унија со укинување на Фејсбук и Инстаграм.

„Ако не можеме да пренесуваме податоци помеѓу земјите и регионите во кои работиме, или ако ни е забрането да споделуваме податоци помеѓу нашите производи и услуги, тоа може да влијае на нашата способност да ги обезбедуваме нашите услуги, начинот на кој ги обезбедуваме нашите услуги или нашата способност за таргетирани реклами“, стои во изјавата на Мета.

Мета се уште верува дека ќе можат да постигнат нови договори во 2022 година, но доколку не го сторат тоа, посочуваат „најверојатно нема да можеме да понудиме голем број од нашите најважни производи и услуги во Европа, вклучувајќи ги Фејсбук и Инстаграм“.

Лондонскиот финансиски весник „CityAM“ контактираше со Мета, со цел да открие каква било погрешна интерпретација на горенаведената остра реченица и доби интересен одговор.

„Ги повикуваме регулаторите да усвојат пропорционален и прагматичен пристап за да го минимизираат нарушувањето на илјадници компании кои, како Фејсбук, со добра волја се потпираа на овие механизми за пренос на податоци на безбеден начин“, изјави за „CityAm“ заменик-претседателот за глобални односи на Мета, Ник Клег.

Многу компании се потпираат на рекламите на Фејсбук и Инстаграм за да се поврзат со клиентите и да ги продаваат своите производи. Поради влијанието што отстранувањето на платформите би го имало врз европските компании, сценарио без овие големи играчи на социјалните медиуми е малку веројатно.

Задачата на годишниот извештај до СЕК е да ги постави предизвиците и можностите во финансиските перспективи на компанијата, но исто така е пригоден начин да се испрати порака. Затоа, за европските законодавци, сценариото изгледа како закана. Вистинското прашање, сепак, е колку Мета сериозно го мисли тоа што го напишаа во извештајот на СЕК. А.Р.