Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” денес достави барање до Владата на РС Македонија и до Комисијата за заразни болести – Министерство за здравство, за преиспитување на одлуката за започнување на наставата во второто полугодие со физичко присуство.

На јавната дебата „Најдобар интерес за децата – за и против носењето маски и тестирањето во училиштата“ што се одржа и беше пренесувана во живо на 27.01.2022 година од 18 до 20 часот на социјалните мрежи на Меѓаши, сите панелисти се согласија дека е неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн, се вели во барањето.

Дискутираа лица стручни за темата: д-р Мими Кимовска Христов од Универзитетската детска клиника, д-р Злате Мехмедовиќ од Здравствениот дом Скопје, д-р Бесник Зеќири од Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет при УКИМ и Ана Попризова, училишен психолог, а дел од заклучоците се следните:

– Бројот на заболени деца што се јавиле во Институтот за белодробни заболувања кај деца во периодот крајот на декември 2021 – почетокот на втората половина на јануари 2022., е двојно зголемен од вообичаениот број за време на најголемите пикови во претходните бранови

– Со оглед на теквната состојба на заболени од вирусот корона САРС-2, сите панелисти се согласија дека е неопходно да се размисли дали започнувањето на наставата со физичко присуство е најсоодветниот начин на продолжување на наставата или е подобро да се започне барем две седмици подоцна или онлајн

– Ставовите на мнозинството од панелистите околу носењето маски е дека треба да се носат во затворени простории, а сите се потив задолжително носење маски на отворено и дека е пожелно да се прават тестирања еднаш неделно во училиштата (како што предложи проф. д-р Пановски , а училишниот психолог истакна дека постоењето барем на определен број комплети за брзо тестирање би им помогнало многу во одредени ситуации во училиштата кога ќе се појави случај на ученик или наставник да не се чувствува добро и да знаат што да преземат). Маските штитат повеќекратно и не само од Ковид-19.

“Врз основа на заклучоците, особено едногласноста на панелистите за проблематичноста на одлуката за започнување на наставата со физичко присуство од 1-ви февруари, цврсто веруваме дека оваа одлука треба да биде преиспитана во насока на започнување на полугодието со онлајн настава, најмалку за две седмици од февруари, а потоа да се одлучи повторно за евентуално продолжување одреден период, следејќи ја актуелната епидемиолошка состојба. Меѓу другото, сметаме дека е добро Владата да размисли за брзо реагирање и обезбедување на сите училишта – основни и средни со брзи тестови, онака како што и голем дел држави веќе подолго време практикуваат. Веруваме дека и приватниот сектор (особено фармацевтскиот) би можел да излезе пресрет и да го заштити јавното или колективното здравје доколку им се обрати Владата”, стои во барањето на “Меѓаши”.

Како што се посочува, во текот на дебатата беа поставени и многу прашања од јавноста, на кои панелистите дадоа исцрпни одговори и се надеваме дека помогнавме во подигнување на свеста и разјаснувањето на некои прашања и дилеми кај јавноста да носат поинформирани одлуки за своите деца. Целата дискусија може да ја проследите тука.