Само осум месеци откако беше продаден на американската медиумска група „Мередит Корпорејшн“, списанието „Тајм“ повторно го менува сопственикот, и овој пат го купува милијардерот Марк Бениоф.

Коосновачот на „Salesforce.com“ Марк Бениоф и неговата сопруга лично го купуваат „Тајм“ за 190 милиони долари. Во соопштението на Мередит стои дека Бениоф „нема да биде вклучен во секојдневното работење или во новинарските одлуки“.

Договорот би можел да биде завршен за еден месец, но прво мора да добие регулаторно одобрување. Марк Бениоф, претседател, извршен директор и коосновач на компанијата „Salesforce.com“ за клауд-работење, изјави дека тој и неговата сопруга ја почитуваат организацијата и овој познат бренд.

„Моќта на „Тајм“ отсекогаш била во нивното единствено пишување за луѓето и проблемите кои на сите нас влијаат и не поврзуваат“, напишал на Твитер.

Бениоф го презема „Тајм“ во време кога иднината на печатените медиуми е неизвесна. Продажбата на „Тајм“ падна, а се бори и со пад на приходи од реклами. Мередит во јануари го заврши купувањето на компанијата „Time Inc.“ и веднаш продаде некои од нивните најзначајни магазински наслови.

Според Форбс, Бениоф има имот вреден 6,7 милијарди долари, а не е единствениот претприемач од технолошкиот свет кој одлучи да купи традиционална печатена публикација. Извршниот директор на Амазон, Џеф Безос, го купи во 2013 година „Вашингтон Пост“, а минатата година Лорен Пауел Џобс, филантропистка и внука на Стив Џобс, купи мнозински удел во списанието „Атлантик“.