Foto: mapofeurope.com

Во Европа минатата година се регистрирани највисоките температури, од кога вршат мерењата, објави Службата на Европската унија за климатски промени.

Во споредба со 2019 година, која досега го држеше рекордот, 2020 година беше потопла за 0,4 степени Целзиусови. Изминатата година, во однос на топлината, се изедначи со „светскиот рекордер“ – 2016 година, во која беа забележани највисоки температури на планетата.

Податоците покажуваат дека минатата година била 1,25 степени потопла од прединдустрискиот период од 1850 до 1900 година, а некои од најголемите зголемувања на температурата биле регистрирани во Арктикот и Сибир. Ноември 2020 година, беше најтоплиот регистриран месец на планетата досега. Според анализата на Службата за климатски промени на ЕУ „Коперникус“, температурите биле над просекот во голем дел од северна Европа, Сибир и Северниот леден океан, каде морскиот мраз бил близу до најниското ниво досега забележано во ноември.

Термометарот беше над просекот и во САД, Јужна Америка, Јужна Африка, Тибет, Источен Антарктик и поголем дел од Австралија. На глобално ниво, ноември беше скоро 0,8 степени Целзиусови потопол од просекот од 1981-2010 година, пренесува „Си-Ен-Ен“. А.Р.