Министерството за култура на Република Северна Македонија не удостои со следниов експресно брз одговор на јавно поставените прашања од страна на нашиот колумнист Валентина Ѓоргиевска Парго. Ви го пренесуваме одговорот во целост:
Почитувана, 
Министерството за култура, во рамките на Конкурсот за поддршка на проекти од национален интерес за 2020 го поддржа и проектот за реализација на интернационалниот фестивал „Охридски трубадури“, поднесен од Здружението на граѓани „Интернационал Фестивал Охрид Фест  Охридски  Трубадури –Скопје“.

Ве информираме дека сите физички и правни лица, најдоцна од еден месец по реализацијата на проектот, имаат законска обврска да достават пополнет Образец за наратативен и финансиски извештај за користење буџетски средства за реализација на проект од национален интерес во културата.

По доставувањето на наративниот извештај кој содржи краток опис на реализираните активности, постигнатите резултати (квантитативни, како број на продукти, број на публика и сл., како и квалитативни), како и осврт кон/образложение за можните отстапувања во реализацијата на планираните активности од страна на организаторот, Министерството за култура може да има увид и во програмските и организациските аспекти на фестивалот, кои нагласуваме дека се во надлежност на организациските одбори и совети на фестивалите и другите манифестации.

Финансискиот извештај ги содржи трошоците кои се покриени со средствата одобрени од Министерството за култура, односно се доставуваат сите релевантни документи (копии од поединечни договори со кои се регулира исплатата на авторските и други надоместоци, фактури, сметки, уплатници, банкарски извештаи/изводи и сл.) со кои се потврдуваат наведените трошоци.

Со почит,

Министерство за култура