Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, вчера во Скопје ги повика граѓаните на Македонија да излезат на референдум за договорот за името со Грција.

Во Скопје беше и помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања, Арон Вес Мичел, кој порача дека Македонија ја има целосната поддршка од САД во процесот на интегрирање на земјата во ЕУ и во НАТО, истакнувајќи дека „Во врска со референдумот, тоа е одлука која само Македонците можат да ја направат“.

Федерика Могерини, говорејќи во главниот град, рече дека клучот за иднината на земјата е кај граѓаните, и дека тие, на 30 септември, треба да донесат одлука на која ќе се гордеат наредниот ден и сите наредни години.

„Не можете да си дозволите да продолжите да молчите и да пропуштите можноста да се изразите за тоа каков тип на иднина сакате за вашата земја“, рече Могерини, додавајќи дека „вратите на ЕУ остануваат отворени за Македонците“.

Ставот на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов по состанокот со Федерика Могерини е непроменет. Како што се истакнува во соопштението од неговиот кабинет на средбата со претставничката на ЕУ, повторил дека членството во ЕУ и НАТО не смее да биде алиби за лош договор со Грција кој ќе отвори многу нови прашања.

На референдумот на 30 септември ќе биде важна излезноста на гласачите односно е потребно да гласаат повеќе од 50 отсто од вкупно 1.8 милиони регистрирани гласачи за референдумот да биде важечки.