Пишува: Катерина Топалова

„ Диши сине. Одамна не сме ги почастиле белите дробови со ваков луксуз“, вели Јованка Стојанова на својот осум годишен внук. Тишината во Гази Баба за време на полицискиот час ја нарушуватт две птици кои на најблиското дрво како да се натпреваруваат која ќе испушти повеќе глас.

„Се радувам и се плашам во исто време од оваа чума што го снајде светот“, вели 68 годишната жена „немаше сила што ќе ги сопре нашиве да палат отрови кои ние ги дишеме, само кој знае колку ќе ни наплатат за овој чист мир“, со длабок сомнеж во гласот и затворени очи вперени кон сонцето изговара Стојанова. Ја потпрашав на што точно мисли, а таа уверено продолжува „па тие болни мораат да се лечат, а тие амбалажи од лекови некаде ќе се горат. Пак ние ќе ја `јадеме` болеста. Европските држави ќе платат за да им го изгориме ѓубрето.“

Старата скопјанка не им верува на домашните власти, вели дека искуството ја тера да мисли оти полните пликови со пари ќе ги натераат одговорните да работат и против законот.

Јованка од Гази Баба е само една од многуте кои деновиве ја делат истата мисла-дали Ковид-19 ќе произведе повеќе медицински отпад кој ќе се согори во депониите и ќе заврши како опасна материја во воздухот?

Од „Дрисла“ смируваат со бројки. Велат дека од прогласувањето на пандемијата од страна на СЗО на 11.3.2020 до 22.4.2020 година имаат собрано и изгорено помалку медицински отпад отколку во истиот период во претходните две години.

„Во 2018 година, во периодот од 11.03. до 22.04., ЈП депонија ДРИСЛА има собрано и согорено 69.640 кг и 1.783 кутии (од 5 кг) медицински отпад, во 2019 година 79.690 кг и 1.803 кутии (по 5 кг), а во 2020 во истиот период 63.162 кг и 1.118 кутии (од 5 кг)“, стои во одговорот од „Дрисла“.

 

СОБРАН МЕДИЦИНСКИ ОТПАД ВО СКОПЈЕ ЗА ПЕРИОД ОД 11.03 ДО 22.04,  извор „Дрисла“

2018 година – 69.640кг и 1.783 кутии

2019 година – 79.690кг и 1.803 кутии

2020 година – 63.162 кг и 1.118 кутии

 

Од депонијата велат дека граѓаните не треба да се грижат.

„Инсенераторот во Дрисла работи согласно потребите односно количината на примен медицински отпад, а со оглед дека немаме зголемено количество медицински отпад како резултат на тоа што и медицинските установи немаат зголемено количество на генериран отпад и инсенераторот не работи со зголемен капацитет“, објаснуваат од претпријатието.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека ја набљудуваат целата  состојба и оти Ковид-19 е предизвик и за нив како институција. Сепак, биле подготвени дека заразата ќе донесе можеби повеќе хоспитализирани случаи во најголемите пикови, но со тоа ќе ги одложи останатите интервенции и хоспитализации, па така, велат, ќе се компензира количината на медицински отпад кој треба да се соговри.

Како се транспортира и согорува медицинскиот отпад

Јавното претпријатие депонија „Дрисла“ во моментот со свое возило собира медицински отпад од 865 Јавни и Приватни здравствени установи. Покрај овие, има и такви кое со свое возило медицинскиот отпад, меѓу кој и опасен, го транспортираат сами до депонијата.

 

МЕДИЦИНСКИ ОТПАД СОГОРЕН ВО „ДРИСЛА“ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ, извор „Дрисла“

2015 година – 995.287 кг

2016 година – 1.001.100 кг

2017 година – 1.060.187кг

2018 година – 1.008.223 кг

2019 година – 1.029.246 кг

 

Од 2015 година па наваму, печката во „Дрисла“ согорува се повеќе медицински отпад. За транспорт и согорување на 1 килограм медицински отпад, депонијата на здравствените установи им наплаќа по 56 денари.

„Дрисла“ дневно согорува од 200-250 килограми отпад на час. Почнува во 7:00, но завршува во зависност од количината која што треба да се согори. Интересен е податокот дека бројките на согорениот медицински отпад во „Дрисла“, во ниту една година не се совпаѓаат со пријавените количини од страна на здравствените институции.

Здравствените институции, согласно законот се обврзани до Министерството за животна средина да пријават колку медицински отпад создале. На пример, во 2018 година здравствените институции пријавиле 735 тони медицински отпад, а во Дрисла бил согорени 989 тони, што е разлика од 254 тони. Ова е показател дека не се знае колку точно медицински отпад се создава во земјава.

 

ЈП депонија „Дрисла“ со сомнително работење

Со години наназад во периодот од октомври до март, во Македонија воздухот добива и вкус и мирис, а граѓаните вперуваат прст во неколку претпријатија, меѓу нив и „Дрисла“.

Во февруари годинава, скопскиот градоначалник Петре Шилегов на прес конференција извести дека наместо термичка обработка и стерилизација, медицинскиот отпад несоодветно се обработувал, а потоа завршувал на депонијата „Дрисла“ како обичен отпад.

Покажуваа видеа и фотографии на кои се гледа како кучиња скитници јадат остатоци од медицински отпад, но и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

Шилегов тогаш рече дека дошле до сериозен доказен материјал за злоупотреба во менаџирањето на отпадот.

Но ова не е единствениот сомнеж за работењето на „Дрисла“.

Само еден месец пред прес конференцијата на Шилегов, бугарските медиуми известуваа за скандал во кој се споменуваше дека тогашниот прв човек на „Дрисла“ извршил увоз на 25 контејнери опасен отпад од Италија.

Сè повеќе, се зголемуваше прашањето за увоз на отпад, што резултираше во забранет увоз на отпад кој се користи како извор на енергија.

Собранието на својата седница на 05.02.2020 година ги донесе измените и дополнувањата на Законот за управување со отпад. Правните одредби со кои се забранува увоз на отпад за складирање за отстранување и отстранување и увоз на опасен отпад измешан со неопасен отпад или други компоненти кои ја намалуваат штетноста и опасните карактеристики на отпадот ќе продолжат да се применуваат. Увозот на отпад што може да се рециклира безбедно, без ризик по животната средина, човековиот живот и здравјето и се користи како суровина, сè уште е дозволено.

Притисокот од јавноста и медиумите за борба против големото загадување е голем, но и покрај тоа низа прашања остануваат неодговорени пред јавноста. Ова отвара простор за сериозни сомнежи по однос на ефикасноста и одговорноста на надлежните институции при вршењето на работата за која се овластени, бидејќи се уште постојат дилемите дали постои загадување предизвикано од „Дрисла“, а кое сериозно влијае на здравјето и квалитетот на животот на луѓето. Доколку е навистина така, што се крие зад “замижувањето” на институциите и кој е нивниот интерес во таквата толеранција на загадувачите. Дали се вршат редовни и вонредни контроли, дали и колку често се надминуваат граничните вредности на испуштање штетни емисии и зошто изостанува соодветното санкционирање.

Зошто постојат разлики во податоците кои ги изнесуваат различни институции (примерот со медицинскиот отпад во поглед на согорената количина), дали е потребна сериозна истрага за истиот, зошто не е спроведена таква истрага и постои ли во случајов корупција.

 

(Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Следи ги инцидентите – (не)намерни пропусти и загадување на животната средина”, во имплементација на  Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.

Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје  и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.)