За време на пандемијата со коронавирусот, покрај исклучително важните мерки за хигиена, кои вклучуваат редовно и темелно миење на рацете, како и редовна употреба на средства за дезинфекција, треба да обрнеме внимание и на исхраната.

Исхрана треба да се базира на намирници кои го јакнат нашиот имунолошки систем, како што се лимоните, кои се едни од најдобрите извори на витамин Ц и антиоксиданти и помагаат за алкализирање и детоксификација. Пијте млака лимонада пред секој оброк. Јадете супа од коски, која е богата со витамини и минерали и има смирувачки ефект врз респираторните состојби, советуваат нутриционистите, пренесува „Б92“.

Нутриционистите посочуваат и дека јаболковиот оцет е исто така корисен заради неговото дезинфекциско дејство, дури и против најотпорните бактериски видови и вируси. Можете да го користите за сезони салати или да направите напиток.

Маслиновото масло е исто така корисно како извор на мононезаситени здрави масти кои во голема мерка го зајакнуваат имунитетот. Маслинките и авокадото, како и одредени зачини, не прават поотпорни.

Ѓумбирот е еден од најмоќните зачини што помага во намалување на воспаленија, да се зајакне имунитетот, да се намали болката во грлото … Додавајте куркума во чорби и супи. Додавајте ѓумбир во лимонада, чај или овошно смути, советуваат нутриционистите, пренесува порталот „Убава и среќна“.

На списокот на намирници што го зајакнуваат организмот се наоѓаат многу билки како рузмарин, оригано, босилек, мајчина душица. Додадете ги во салати, користете ги за маринирање и зачинување на месо. Кога станува збор за чаеви, пијте чај од ѓумбир, чај од маточина, чај од глуварче, чај од ехинацеа.

Нутриционистите ги препорачуваат и печурките како супер храна. Не треба да го заборавиме зеленчукот од семејството зелки – карфиол, брокула, прокељ, зелка, кељ, рен, келераба. Оваа група на зеленчуци е богата со антиканцерогени, биолошки активни соединенија изоцијанати. Друго многу значајно соединение кое го содржат е глукосинол, кој е значаен за јакнење на детоксикациската функција на црниот дроб. А.Р.