Протестите продолжија во Ерменија откако парламентот не го избра лидерот на опозицијата Никола Пашињан за премиер. Демонстрациите почнаа со блокирање на патиштата во ерменскиот главен град, како и оние што водат до аеродромот.

Блокадата е стихијна, освен патиштата што водат кон аеродромот. Според ерменскиот портал „1in“, таму веќе има десетици автомобили. Полицијата има поставено сили крај патот што води до аеродромот.

– Барам да се отвори премин, дозволете им на луѓето да стигнат на аеродромот – повика полковникот на полицијата, но демонстрантите одбиваат да ги исполнат барањата на полицијата. Ситуацијата останува напната, но засега нема инциденти.

Претходно, Пашињан ги повика своите поддржувачи да започнат масовна граѓанска непослушност во 8 часот наутро. Тој, меѓу другото, повика на „блокада на сите патишта, вклучувајќи ги и оние кои водат до аеродромот“, со цел да не се дозволи власта да „ја украде победата на народот“. На парламентарната седница, лидерот на опозицијата рече дека исклучува сценарио за насилно преземање на власта.

Пратениците вчера не ја поддржуваа кандидатурата на Пашињан за премиер. Тој доби 45 гласа, од потребни 53.