Се чини дека деновите кога лекарите на пациентите им препишуваа силни антибиотици додека уште ги чекаа резултатите од лабораториските тестови наскоро може да станат минато бидејќи научници од Државниот универзитет во Пенсилванија, САД, измислија направа која резултатите наместо за неколку дена, ги дава во рок од најмногу половина час.

Научниците од Државниот универзитет во Пенсилванија резултатите од истражувањето ги објавија во понеделникот во стручото списание Зборник на Националната академија на науките.

Ко-авторот на истражувањето и еден од изумителите на направата Пак Кин Вонг, професор по биомедицински инженеринг и механика, објасни дека направата користи микротехнологија која овозможува откривање поединечни бактериски клетки, а тие потоа одблизу може да се гледаат под електронски микроскоп.

Ваквиот пристап на лекарите ќе им овозможи само за 30 минути да утврдат дали бактериите се присутни во крвта и дали може да бидат „уништени“ со антибиотици. За таквата постапка во лабораторија денес се потребни од три до пет дена.

„Во моментов, лекарите имаат тенденција да препишуваат антибиотици дури и кога не се присутни бактерии“, изјави Вонг за АФП, објаснувајќи дека тој и неговите колеги „сакале на брз начин да се утврди постоење на бактериска инфекција.“

Научниците велат дека уредот, заедно со откривањето на бактериското присуство, исто така може да го одреди нејзиниот морфолошки тип, имено, да се утврди дали се работи за бацили, коки или спирален тип.

„Засега, овој уред го открива постоењето, но не и типот на бактерии“, објасни Вонг. „Сега работиме на комплементарен молекуларен метод кој ќе ни овозможи да го одредиме и видот на бактериите“.

Откако ќе се утврди присуство на бактеријата, примерокот ќе биде изложен на антибиотици за да се утврди дали се работи за отпорен тип, бидејќи во тој случај препишувањето на антибиотска терапија е целосно неефикасно.

Ако бактеријата продолжи да расте и по изложеноста на антибиотикот тој вирус ќе се смета за отпорен на него, но ако престане да расте или исчезне, ќе значи дека типот не е отпорен и дека инфекцијата може да се лечи со еден од целните антибиотици.

„Најчести се инфекции на уринарниот тракт. Но, повеќе од 75 проценти од примероците од урина испратени во клиничката микробиолошка лабораторија покажале негативни резултати. Брзо исклучување или потврда за присуство на бактерии во клинички релевантни концентрации значително ќе го зголеми квалитетот на здравствена грижа за пациентите“, вели Вонг.

Тој додава дека уредот е сличен на печатач во моментот и доста голем. Тој вели дека се надева оти во блиска иднина ќе успее да направи помала, пренослива верзија што ќе се користи во докторските канцеларии и во болниците. Тој се надева и дека на пазарот ќе се појави за околу три години.