Насловна страна од стрипот за Тинтин продадена на аукција Фото Reuters

Насловната страница за стрипот за херојот Тинтин е продадена денес во Париз на аукција за 3,175 милиони евра, објави аукциската куќа „Арткуриал“, која наведе дека купувачот бил приватен колекционер.

Цртежот за албумот „Синиот лотос“ се смета за ремек-дело на белгискиот автор Жорж Реми, попознат како Ерже.

Стрипот е објавен во 1934 и 1935 година во една ревија пред да биде објавен самостојно во 1936 година.

Тинтин е млад и наивен белгиски репортер, кој верно е придружуван од кучето Мило во неговите авантури. Серијата стрипови „Авантурите на Тинтин“ доживеа голем успех ширум светот и беше преведена на 50 јазици.

Авантурите на Тинтин се продадени во 230 милиони примероци.

Меѓу најпознатите авантури се „Тинтин во Конго“, „Тинтин во Америка“, „Синиот лотос“, „Скршено уво“, „Рак со златни клешти“ и „Пурите на фараонот“.

Во Белгија, како и во Франција, постои развиена култура на читање стрипови. Многу херои како Штрумфови, Астерикс, Спиру и Фантазио, Лаки Лук, Тинтин и Ле Шат станаа светски познати со цртани и играни филмови. А.Н.