Единаесеттото издание на фестивалот на нова музика “ЗДРАВО МЛАДИ” е закажанo за 26 и 27 август. Early bird билетите се пуштени во продажба по цена од 800 денари (за двата фестивалски денови). Истите се достапни на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk.

МКЦ денес го најавува и вториот изведувач, кој ќе се придружи на „Viagra Boys“ од Шведска. Најдобриот руски чин во живо, воедно и првиот руски изведувач на ЗДРАВО МЛАДИ – „Shortparis“! Предводени од харизматичниот фронтмен Николај Комиагин, „Shortparis“ доаѓаат од Русија и се на добар пат да добијат меѓународно признание. Бендот продолжува да гради репутација со нивните неверојатни ритуалистички настапи и темни, електронски звучни сцени.

Настапувајќи на руски, француски и англиски јазик, „Shortparis“ се приближуваат сѐ поблиску до пригоден саундтрак за нивното секојдневие, звук што го отсликува Санкт Петербург како што беше и сѐ уште е. Нивните музички спотови се доста интензивни, како на пример придружните визуелни содржини во „Страшно“.

Текстовите ја отсликуваат моменталната состојба на вознемиреност, додека визуелните материјали се обидуваат да откријат еден вид постојана хистерија. Од бендот раскажувааат дека само неколку часа по снимањето во училиштето, некој повикал полиција за можни терористички активности: „Нашето музичко видео се обидува да ја манифестира состојбата на некој дел од нашата генерација. Таа е провокативна и се однесува на некои социјални трагедии, кои не се рефлектираат во нашата визуелна култура. Табуата и стравовите се отвораат: без оглед што е напишано со арапски букви, „љубов“ или „пријателство“, тоа мора да биде тероризам, ќелавите глави мора да значат нацисти итн. Но, по целата оваа игра со значења, останува само вознемиреноста и таа расте“.

Фестивалот ќе се реализира согласно мерките за организирање настани на отворен простор и капацитетот е лимитиран на 500 посетители.

Следуваат уште „жешки“ имиња во најава, па пријателски совет е да си набавите билет на време.