Песочна бура во Пекинг Фото prinscreen Youtube

Главниот град на Кина, Пекинг и голем дел од северот на земјата беа погодени денес од најлошата песочна бура во последната деценија, поради што беа откажани стотици летови.

Солитерите во центарот на Пекинг исчезнаа од видик во облаците од прашина и песок, сообраќајот забави, а повеќе од 400 летови од двата главни аеродрома во градот се откажани претпладне.

Таквите бури се случуваа редовно на пролет кога ветровите носеа песок од западните пустини дури и во Јапонија. Големото засадување дрвја и грмушки во чувствителните области го намали интензитетот на овие бури, но сегашната експанзија на големите градови и индустрии врши постојан притисок врз животната средина низ цела Кина.

Националниот метеоролошки центар предвидува дека песокот и прашината ќе погодат 12 провинции и региони од Ксинџијанг на крајниот северозапад до Хаилонгјанг на северо-исток и источниот крајбрежен град Тианџин.

„Ова е најсилната песочна бура што ја погоди нашата земја во последните десет години, а ја опфаќа и најголемата површина“, наведува Центарот на својата веб-страница.

Еколозите велат дека Кина мора да стори повеќе за да ја намали зависноста од јаглен, поради што стана најголем емитер на штетни гасови што влијаат на создавање на климатски промени. А.Н.