Најмалку 30 лица се повредени во силниот земјотрес со јачина од 5,9 степени, што го погоди Токио и околните области. Сообраќајот, кој беше прекинат поради земјотресот, денеска се одвива нормално, пишува АП.

Метеоролошката агенција објави дека земјотресот бил во префектурата Чиба, источно од Токио, на длабочина од 80 километри.

Јапонскиот електродистрибутивен холдинг, ТЕПКО, објави дека околу 250 куќи во центарот на Токио привремено останале без електрична енергија.

Официјални лица рекоа дека подземните водоводни цевки се оштетени на неколку локации во Токио.

Премиерот Фумио Кишида на својот Твитер профил ги повика граѓаните „да ги проверат најновите информации и да преземат мерки за заштита на нивните животи“, и додаде дека ова е најсилниот земјотрес во Токио од март 2011 година. А.Р.