Небото над Толо

74

Пишува: Филип Спировски

Неколку рибарски чунки натоварени со мрежи се колебаат лево десно, на брановитекои ги заплиснуваат алгите на песочната плажа во заливот. Стивната е дневната омарнина, а штурците не стивнуваат ни за миг – пеат иста песна во заглушувачки хор. Само тие недостасуваат на платното на Вангоговите лета. На стемнување сликата во заливот се комплетира со ликовите со мустаци, шапки, весла и рибарска нафака. Но, се двоумат да испловат. Погледнуваат нагоре, кон месечината начната од затемнувањето од сенката на земјата. Пред 1118 години единствен смартфон било небото со илјадниците ѕвезди – икони. Погледите кон него гарантирале за настаните кои следат т.е. за успешниот риболов.

Денеска утрото не го започнува денот без најава на телефон. Се чудам како се случи помрачувањето, а никој не треба да кликне на некоја икона или на некој ентер. Скептик сум донекаде! Можеби и тоа се случува во позадина. Но, на платното на творецот нема информација, алерт, аларм. Значи, се уште, се вртиме околу сонцето истовремено вртејќи се окулу сопствената оска! Занесени од вртењето, од галамата на штурците и од лунарниот еклипс, мирно ја поминавме ноќта искачени на брдо над заливот на Толо. Не се двоумевме како рибарите, дали да испловиме, додуша во сон, премалени од дневното капење и водени лудории во истата онаа античка, кенозоичка, бистра, солена вода.

Летниот одмор поминат од овој агол во оваа средина, под ова небо, изгледа нестварно. Нема автомобили со познати регистрации (освен на домаќините), нема гиро големо како столитарско буре за вино, нема проблем ако си легнеш на пешкир на првото слободно место во песокот крај брегот, нема главоболки од пренапумпани цени по маркетите и таверните. Но, има насмеани лица на домаќини и на туристи од непознати краишта, има ангажирани туристички работници кои ќе те сместат па макар и домашната соба да ти ја издадат… Има и бреме од катастрофалните пожари во Атина, но трагедиите остануваат бреме на сите нас.

Во омарнината на пладневното сонце изгладнети од утринската прошетка низ плитката вода и по ситниот песок, седнавме во ресторан на маса која ја заплискуваа тиркизните бранови. Рибарската приказна не ја заниетивме случајно. Чинија полна со риби и „морски деликатеси“ извади келнерот пред нас да избереме што ќе јадеме. Не може да нарачате риба, а да не ја покажете со прст пред да ви ја подготват.  Додуша нема да ви донесат макало од лук, но салатата полиена со маслиново масло произведено недалеку од тука и украсена со најголемите не ГМО маслинки што ги имам видено се достојна замена. А рибата вкусна, превкусна. Но, за вкусовите не се зборува, зашто суфлакито наденато на метална прачка што виси вертикално над чинијата изгледа како месо на сабја видено низ меаните на Пирин планина.

Уште некој ден останува од летниот одмор. Со кајче нема да испловиме. Но планина задолжително ќе посетиме. Не за да ја избегнеме горештината што, да бидам искрен, годинава не е како вообичаената за овој период од годината, ами за апетитот кој вообичаено се враќа во нормала на повисоко.

Затемнувањето на месечината помина, до наредното само храбро.