дома Култура Литература НЕНАД ГЕОРГИЕВСКИ – „УШТЕ МУЗИКА И МУАБЕТИ“: Целта ми е да создадам...

НЕНАД ГЕОРГИЕВСКИ – „УШТЕ МУЗИКА И МУАБЕТИ“: Целта ми е да создадам една убава книга за современа музика!

Валентина Ѓоргиевска Парго

82

Книгата „Уште музика и муабети“, од авторот Ненад Георгиевски, излезе кон крајот на оваа година. Станува збор за разговори со еминентни и најпознати светски музичари од различни музички жанрови, како и моќно луѓе од музичката индустрија- Мариза, Пет Метини, Руичи Сакамото, Ал ди Меола, Енди Самерс, Стив Шапиро фотографот кој го фотографирал Дејвид Боуви (но и Роберт Кенеди, Мартин Лутер Кинг ), Брајан Рашиќ (Дејви Боуви, „Ролинг стонс“, Пол Макартни, Ноел Галагер, Пол Велер), Даниел Крејмер ( Боб Дилан)…

Конечно може да здивнете, по толку многу работа. Всушност, колку многу работа и колку години стојат зад неа?

Ако се земе во предвид дека се тоа интервјуа кои сум ги работел долга низа години, би одговорил дека на оваа книга се работеше многу и долго. Паралелно со работата на книгата организирав 4 настани со „Скопје Синема Сити“ во текот на годината, работев на преводи на книги кои допрва ќе се објават и тоа се преклопи. Тоа беше еден од факторите зошто беше потребно малку повеќе време. Бидејќи е колекција на интервјуа кои биле правени во одреден период и контекст потребно беше и извесно време за да тие се доведат во ред односно да се исчистат деталите кои беа релевантни и сите тие разговори да се најдат во една убава целина.

На насловната е Мариза, симболот на фадо музиката и на Португалија, токму со тоа поглавје отпочнува ова дело, распослано на преку 400 страници. Треба ли тоа нешто да ни сугерира нам, како на читатели? Од каде произлегува вашата импресионираност од фадото, од потугалската музика, од Мариза?

Мариза е една од ѕвездите на португалското фадо меѓутоа таа е спектакуларна и помалку ексцентрична дива. Имав можност да ја гледам на неколку нејзини концерти, каде првиот беше во Скопје пред десетина години кога беше некаде на почетокот на својата кариера, а последен пат беше во декември 2017 во Сава Центар во Белград. Нејзините концерти се спектакуларни и емотивни посебно тој во Белград од каде се и земени фотографиите во книгата. На фотографијата која ја краси насловната страна е доловена Мариза како ужива во музиката, како е таа понесена, на ист начин како и фотографијата со Пет Метини која ја краси насловната од претходната моја книга „Музика и муабети: колекција на музички интервјуа“. Како и секој автор не би сакал да сугерирам на читателите со некоја симболика бидејќи изборот е повеќе емотивен и интуитивен и мене ми асоцира на момент на доживување на убавина во музиката. Се надевам дека таа симболика читателите ќе си ја доживеат читајќи ги овие приказни. А фадото е прекрасна и меланхолична музика

Она што остава впечаток е застапеноста на фотографот Брајан Рашиќ, со три интервјуа. Во два наврати беше гостин и во Македонија. Што е она што посебно ќе го издвоите за господинот Рашиќ?

Брајан Рашиќ е стар другар и со годините ги направивме овие интервјуа за различни медиуми на најразлични теми во различни периоди. Тоа првото интервју во книгата е почетокот на тоа пријателство и дружба. Имаме многу силна и интересна комуникација на различни теми и обожувам да го распрашувам за се и сешто околу неговата работа и луѓето со кои се среќава бидејќи е човек кој работи интересна работа. Во книгата има една секција која се состои од интервјуа со неколку фотографи како Даниел Крејмер, Хари Бенсон и Стив Шапиро на теми поврзани со артистите со кои соработувале: Боб Дилан, „Битлси“ и Боуви. Ако се сеќавате со Брајан ја работевме изложбата со фотографии од Дејвид Боуви што го отвори првото „Скопје Синема Сити“. Но разговорите со него опфаќаат и други теми и личности – „Стоунси“, „Пинк Флојд“, Ејми Вајнхаус. Тоа што е карактеристично за него е дека е еден од најдобрите концертни фотографи. На некаков начин знае да ја долови магијата што се случува за време на концертите. Затоа е и омилениот фотограф на Кит Ричардс.

Темелни разговори, во кои првенствено големите уметници и артисти, а истите дури потоа и светски ѕвезди, ни ја откриваат својата целосна поврзаност со музика, своите визии, своите мисловни концепти. Кај сите нив забележливо е дека сето тоа почнало од мали нозе, но дали тоа е одлика и за самиот музички новинар, музиката да ја заследи од најмала возраст, кога почнува да ја осознава дека постои, подоцна само да се вклучи да го пренесе тој свет на читателот…

Сите почнуваат со љубов кон музиката и новинарите и фотографите и тонмајсторите и секој кој е вклучен во оваа работа. Секој сака да прави работи кои ќе им значат на луѓето исто толку колку што им значеле работите лично ним кога се почнало да ги интересира за ова. Лично никогаш немав размислувано за ова како професија – повеќе ми било битно да добијам повеќе информации и да читам повеќе за тоа што го сакам односно за музиката што ја слушам. Со тоа се продлабочувало чувството и разбирањето за тоа што го слушам и гледам. Не знам дали е пресудно што ова го правам од мали нозе колку што мислам дека е повик. Верувам дека има нешто што не насочува да го работиме тоа за што сме преодредени.

Пишувате за уметници од фадо, електро, рок, поп музика, глам рок, етно, ворл мјузик, афробит, но да претпоставам дека џезот некако најмногу ве влече?

Верувале или не, изборот за музика е исклучиво по расположение, по чувство. Ме привлекува секоја музика каде ќе го почувствувам тоа што ја прави посебна. Повторно, тоа е интуитивно. Музиката има поголема функција освен само да ни биде забавно. Сите овие жанрови се испреплетени и поврзани взаемно. Џезот е посебна категорија бидејќи во најдобрите случаи е музика која црпи инспирација од сите овие жанрови кои ги спомнавте претходно вклучувајќи ја и класичната музика. Постои одредена живост, комуникација и вибрации кои не се среќаваат на друго место. Тој постои во ера каде технологијата и комуникацијата се во постојан развој и забрзување. Затоа кога ќе кажете џез тоа за мене означува многу работи а не едноставно една. Ја обожувам џез музиката и ја имав таа среќа да запознаам и интервјуирам многу џез легенди и „млади лавови“ и е категорија која постојано нуди изненадувања и нови содржини.

Страници се посветени и за неколку македонски музичари, имаме интервјуа со Џоле Максимовски, Доријан Јовановиќ, Џијан Емин, Зоран Маџиров. Според ваша слободна проценка, колку наши вистински уметници можат да се најдат во една ваква содржина, покрај светски признати?

Многу од нив си го заслужуваат тоа. Тука сме субјективни бидејќи овие луѓе ми се пријатели но овие кои се во книгата се и одлични автори. Нивните искуства и борба да допрат до слушателите и да изградат своја публика е иста или слична како и тие од странство. Нивниот пат не ги прави помалку различни од нивни колеги од некој друг од планетава. Сите тие си чекорат по својот „Тобаццо Роад“. Работата е дека Македонија е земја во изолација и без инфраструктура и можности за да повторно изнедри величини како Влатко Стефановски или Кирил Џајковски или некој друг. Тука не се работи за тоа дека македонските автори не можат да создадат музика која ќе најде добар прием кај некоја публика надвор туку дека поради нашата голема изолација светот не ни знае ниту се интересира што може да дојде од тука. Не сме приклучени кон некои текови кои се релевантни за светот. Меѓутоа, од друга страна, на овој или оној начин ќе се појават луѓе кои ќе направат нешто и ќе биде забележливо надвор. Џијан Емин е некој кој верувам дека со своите проекти и музики си носи иста важност како и луѓето кои  ги спомнав претходно.

И низ одговорите на светките ѕвезди дознаваме многу повеќе отколку за нив самите и за нивната музика, дознаваме за нивната внатрешна состојба, за нивните идоли, учители, за нивната инспирација, дознаваме за музички правци, за еволуции и револуции, за многу разни инстументи, стилови на живеење. Да ја сместиме тука и вашата дефиниција, што ја сочинува основата на музиката, без оглед од каде доаѓа?

Во тоа е проблемот, бидејќи нема дефиниција, барем не некој сеопфатна. Затоа секој израз се интерпретира и доживува различно. Тоа е прекрасната работа во врска со ова. Мислам дека цитатот дека музиката е одраз на тоа како звучат човечките емоции е најблиското нешто до она што мислам дека е.

Работата со вистински уметници е секогаш јасно и директно врзана за нивното творештво, неоптоварено со борба по пари и слава, по секоја цена. Па така, вие како новинар и не морате да голтате гнедли кога некого интервјуирате, а она што посебно ви дава слобода е вашиот статус на “независен новинар“, сам избирате кого ќе портретирате. Да би било шоинаку, да мора да работите целосно под диктат на некоја редакција, дали би работеле или воопшто не под такви услови?

Тешко прашање. Секако ова е работа која бара одредена флексибилност. Некој период работев на телевизија во Нови Сад каде малку работев информатива, а повеќе со теми поврзани со културата. Тука се одредуваа задачи и обврски од уредничката, кои мораа да се завршуваат, но каде имав и одредена слобода за да самиот трагам по теми за прилозите и емисиите кои се спремаа. Често таа слобода вклучуваше и соработка со други редакции. Тоа значи дека сум го искусил и тоа. Добро е кога некој ги познава твоите предности и недостатоци и ве насочува кон подобра реализација на нешто, но и ви овозможува слобода за кога треба. Од друга страна, со ваквиот статус на новинарството во Македонија и темите кои се бараат за сегашните читатели се косат со некои мои принципи и способности. Затоа почесто ме има кај медиуми надвор од државава отколку дома. Самиот си го градам просторот кој ми треба. Но работа си е работа и кога работите се трудите тоа да си го завршите најдобро и најбрзо независно од околностите. Понекогаш ризикувате да направите интервју со некого кој не е познат за широката јавност, но од друга страна вреди тој ризик. Навистина е тешко да се одговори на ова прашање бидејќи е лоша состојбата во медиумите за да од нив се очекуваат некакви големи стандарди. Затоа се и ретки новинарите од областа на културата денес чија работа им значи на луѓето нешто. Ете Тони Димков, Љупчо Јолевски и Ивана Настеска се ретките чија работа ја следам.

Од полза би ни била информација каде и за која сума може да се набави книгата. Врпочем, откријте ни, како се правени овие интервјуа, како сте допреле до сите тие музичари?

Книгата ја има во сите книжари но за почеток книжарата на матичната издавачка куќа „Полица“, која се наоѓа спроти средното училиште „Јосип Броз“. Бидејќи сега се новогодишно празници сигурно ќе ја најдете со попуст таму. Некои од интервјуата се правени за разни македонски медиуми, некои од нив не постојат. Некои се правени за новсадската телевија РТ Војводина, некои за Алл Абоут Јазз. Други се правени за разни портали во Србија и Македонија, а имам и неколку необјавени интервјуа. Па добро, сум ги искористил сите можни начини како да зборуваме – лично, по емаил, по телефон, по скајп.

Има многу да се зборува, но, еве, накусо и искрено „Која е идејата на оваа книга, целта што треба да ја постигне?“

Во последните 17/18 години како се занимавам со новинарство имав среќа да се сретнам и интервјуирам голем број луѓе од различни поднебја, возрасти, нации, позадини и професии. Повеќето од нив ги обединува музиката односно на некаков начин се поврзани со творењето музика и нашата перцепција за таа уметност. Некои од нив се сега и починати. Бидејќи мојата работа е поврзана за различни медиуми и во Македонија и надвор (повеќе надвор) сакав да ги обединам тие разговори во една убава компактна целина каде ќе се спојат сите елементи и ќе се откријат интересни и возбудливи теми. Книгата обединува музичари од Бразил, Шпанија, Португалија, Африка, САД, обединува фотографи кои документирале едни од најславните поглавја од некои легендарни музичари како Битлси, Стоунси, Боуви, Пинк Флојд, Леонард Коен, потоа режисери на документарни филмови, како Стивен Номура Шибле, познати графички дизајнери кои стојат зад работата на У2 и Дејвид Силвијан. Генерално, целта ми е да создадам една убава книга за современа музика отколку колекција на познати имиња.