Белгиските научници од Универзитетската болница во Лувен укажаа на ниското ниво на витамин Д во крвта како можен фактор за појава на сериозни болести, па дури и смрт, особено кај мажите. Во белгиското истражување учествувале 1970 мажи на возраст од 40 до 79 години. Експертите ги споредија нивоата на метаболити витамин Д со тековните здравствени индикатори за возраста, индексот на телесна маса, пушењето и целокупната благосостојба.
Според научниците, нивното истражување потврди дека недостаток на витамин Д негативно влијае на целокупното здравје на една личност и може да биде симптом на поголем ризик од предвремена смрт. Јасните причинско-последични врски и основните механизми сè уште ги проучуваат научниците. Недостаток на витамин Д е широко распространет во Европа, особено кај постарите лица.

Неговиот недостаток е поврзан со поголем ризик од многу болести поврзани со стареењето, како што се кардиоваскуларни болести, остеопороза и рак. Витаминот Д често се нарекува „витамин од сонцето“ затоа што се формира кога кожата е изложена на сонце. За време на мрачните зимски месеци со пократки денови, луѓето обично развиваат лесна форма на природен недостаток на витаминот.

Поврзувајќи го ова со фактот дека едно лице има поголема веројатност да стане депресивно во истиот период, некои научници сугерираат дека двата фактори се поврзани, но по спроведената студија со учество на 18353 лица за пет години, се покажа дека нема статистичка разлика помеѓу ризикот од депресија кај оние кои земаат дневна доза на витамин Д и пасивната група која прима плацебо.

Ал.Н.