Новак Ѓоковиќ од денес, и тоа по две години, повторно е прв тенисер на светот, пред Рафаел Надал и Роџер Федерер. Српскиот ас, кој игра фантастично оваа сезона, води на АТП листата со 8.045 поени или 520 повеќе од Надал. Ѓоковиќ се врати на врвот на АТП листата, иако вчера не успеа да го освои турнирот во Париз.

Последен пат Новак беше прв на АТП листата на 31 октомври 2016 година. Тој е прв после Марат Сафин, кој успеа во истата сезона да се врати на АТП листата, а да не бил меѓу првите 20. Сафин во 2000 година се врати на врвот од 38-тото место, додека Ѓоковиќ оваа година се врати од 22-тото место.

Новак прв пат беше на чело на АТП листата од 4 јули 2011 година до 8 јули 2012 година, а потоа и од 5 ноември 2012 година до 6 октомври 2013 година. Трет пат се врати на тронот во јули 2014 година и владееше до 6 ноември 2016 година.