дома Култура Театар и Филм Нова успешна македонска комедија

Нова успешна македонска комедија

Кон „ИСЦЕЛИТЕЛ“, режија и сценарио: Ѓорче Ставрески, улоги: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Диме Илиев, Мирослав Петковиќ, Александар Микиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Симона Димковска, директор на фотографија: Дејан Димески, музика: Бранислав Николов, Пеце Трајковски и Гоце Јованоски, монтажа: Мартин Иванов, сценографија: Симо Бранов, костими: Раде Василев, Македонија/Грција, 2017 година.

201

Пишува: Сунчица Уневска

Режисерот Ѓорче Ставрески имаше навистина тешка задача по цели шест децении од „Мирно лето“ и по цели три децении од „Викенд на мртовци“ да направи комедија која ќе „функционира“, која ќе одговори на големиот предизвик на овој жанр и која ќе биде прифатена од публиката. Факт е дека во Македонија ни недостига традиција во поглед на жанрот на комедијата, но пред се, во областа на филмот, со оглед на тоа што авторите многу ретко се нафаќаат да работат комедии, за разлика од театарот и книжевноста, каде што имаме навистина исклучителни дела. Меѓутоа, во филмската историја во текот на 65 години имаме само две успешни комедии и многу голема пауза, како меѓу нив, така и меѓу „Викенд на мртовци“ и најновото дебитантско дело „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески, кое се запишува како трета успешна македонска комедија, испишувајќи ја, се разбира, историјата со тоа.

Токму затоа „Исцелител“ беше дочекан со голема возбуда и со огромна љубопитност од целата филмска фела, која го наполни киното „Милениум“ на неговата македонска премиера што се одржа на затворањето на годинешниот „Синедејс“. Она што е најважно, е дека Ставрески ги исполни очекувањата, но овде не говориме за оние на публиката, туку очекувањата во поглед на жанрот иако во долгометражната продукција е дебитант и иако комедијата е дефинитивно еден од најтешките жанрови во филмската уметност. Но, се чини Ставрески тоа го прави со леснотија, па дури и со самоувереност во структурирањето и во водењето на приказната, во употребата на конвенциите токму онолку колку што треба, како и во отскокнувањето од нив.

Iscelitel 2Навидум авторот прави линеарна и конвенционална фабула и заплет, но од друга страна, тој на многу едноставен начин успева на приказната да и даде слоевитост, инвентивност, успева да и даде актуелност во исцртувањето на општествениот бекграунд, а низ комичните детали да ја направи жива, откачена, забавна и непредвидлива. Ставрески многу ненаметливо, а паралелно успева да долови неколку приказни во филмот. Носечката, која го следи патешествието на синот кој сака да му помогне на својот татко болен од рак, но тука е и семејната драма за сложениот однос меѓу таткото и синот над кој лебди трагедијата што му се случила на семејството. Истовремено „Исцелител“ може да се гледа и како комедија во која многу точно е доловен и прикажан менталитетот на овој народ, но и како силна критика на општествената и социјална состојба и на онаа вечна транзиција која кулминира со се поголема беда на народот и колапс, не само на здравствениот систем, туку и во секој поглед, уривајќи ги целосно оние морални и вредносни критериуми.

Трагикомедијата и натуралистичкиот пристап е, всушност, извонреден избор на Ѓорче Ставрески за да проговори за целото она дно во кое како земја се наоѓаме, а сето тоа да го направи низ симпатична и топла приказна за љубовта, за семејството, за пријателството, без нималку патетика, туку со многу хумор, забава и оптимизам. Се разбира, сето тоа со силна иронија, со своевидна пародија на состојбата во која живееме и со елементи на апсурд, кои се извонредно вклопени. Хомеопатијата, пак, се чини како совршен избор, бидејќи се претвора во неверојатно точна метафора за агонијата во која се прпелкаме со години, додека трагаме по оние мали дози ништо барајќи го својот спас.

Мора да кажеме дека Ставрески некако многу цврсто и остроумно ја води оваа тешка приказна, и покрај целата „леснотија“ и флуидност која успева да и ја даде. Тој толку добро ги вклопува деталите, со таква мерка и обмисленост, која е дури незабележлива, но секако заслужна за тоа беспрекорно течение на приказната и настаните кон неговата кулминација и многу ефектен крај. И можеби тоа е нешто што во структурата на самата оваа приказна се подразбира, но не е воопшто едноставно да се постигне, особено не во комедијата, да успеете да му ја дадете точната дозираност за да се постигне тој одреден ефект. Тоа режисерот успева да го направи и со неверојатната атмосфера во филмот кон која придонесуваат добро избраните агли на снимање, музиката, играта на светлината и монтажата, но и емоциите кои едноставно можат да се почувствуваат во филмската слика.

„Исцелител“ е многу успешна комедија, исклучително дело со извонреден кастинг Iscelitel premieraдо најмалата улога во него. Благој Веселинов и Анастас Тановски го носат филмот, сигурно, многу емотивно и игриво, но го носат и шармот во целата таа колку драмска, толку и комична семејна приказна, заедно со Аксел Мехмет, Диме Илиев, Јордан Симонов, Симона Димковска, Александар Микиќ, Катарина Илиевска Силјановска, Лилјана Велјанова и буквално сите епизоди, па дури и статисти (додека пред вратата на исцелителот го бараат лекот). Со таква прецизност се исцртани и водени карактерите, но и ликовите кои ја надополнуваат целата слика дали со својата игра, со својот изглед или било каква мимика и гестикулација. Како што рековме, навидум едноставно, а многу мудро и мајсторски сработено дело. Уште повеќе комедија направена со голема умешност и мерка, што е и пресудно за овој жанр, толку редок во македонската кинематографија.

Но, Ставрески покажа талент и одлично владеење на филмскиот јазик, исполнувајќи ја онаа празнина присутна последниве децении во македонската кинематографија, како режисер кој има свој пристап и јазик, како автор кој знае што сака, кој не се плаши да биде „локален“ и да направи актуелна и урбана тема, непретенциозна, без тоа да биде слично на некоја школа или да припаѓа на некој бран. Свое и оригинално. Затоа и не е чудно што филмот на прва топка ја освои публиката во Солун, што ја доби Наградата на публиката во многу силна конкуренција и што веќе влезе на два фестивала од А категорија, во Талин, Естонија и во Гоа, Индија, и тоа во уште посилна конкуренција. Би рекле, сосем заслужено.