Новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго, наш ексклузивен известувач од Торино за време на евровизиските денови, се најде на програмира на Раи Уно во најгледаното шоу “Дедикато” , што го води италијанската ТВ ѕвезда Маурицио Ликордари (фото-Енрико Пичоло) .

Поканата да гостува во програмата Парго ја прифати со големо задоволство. Меѓу другото, како голем познавач на Евривизиите и на евровизискиот репертоар, беше поканета да запее рефрен од италијанска песна, а таа за оваа пригода ја одбра првата италијанска победничка песна од Џиљоља Чинквети, “Non ho l’età”, од 1964 година.

Таа гостуваше и во евровизиското Еврофан радио, каде со Ангелос Дадалиас во едночасовниот разговор разговараа на доста евровизиски теми, патем и доби грст комплименти од овој познат евровизиски уредник.

-Ова не беше мое прво гостување на италијански медиуми и телевизии, но е прво на ударната и најпопуларна шоу програма, на светски познатата телевизија Раи Уно која оваа година беше организатор на шоуто, што е неверојатна чест за мене. Посебно, ако се земе во предвид и фактот дека е и прво појавување на новинарка од странско говорно подрачје, надвор од италијанските медиумите, ни раскажа Парго.

Нејзините европски новинарски ангажмани започнаа уште во 2000-та година, по првото следење на Евровизијата во живо, во Стокхолм.

-Во 2000 година почнав да пишувам и да ја афирмирам македонската сцена во познатото германско списание Том 10 (Топ оф мјузик 10) . Во изминативе 22 години за време на Евровизиите, а и потоа, сум дел од доста телевизиски програми, и бројни телевизии-од Шпанија, Шведска, Германија, Кина, Грција, Америка, Австралија, Португалија, Русија, Украина, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Белгија, Австрија, Израел, Азербејџан, Кипар, се присети новинарката.

Инаку, ова беше нејзина 14 Евровизија што ја следеше во живо, на самото место. Новинарката, која е дел од Новинари за човекови права, беше и наш специјален известувач, известуваше за порталот www.text.mk.

Меѓу новинарските репортажи кои ги направи во Торино, надвор од Евровизијата, а наскоро ќе бидат објавени на нашиот портал, се ексклузивните репортажи за замокот Риволи, каде беше примена во канцеларијата на директорката Каролин Кристов Бакарџиев, а уште поголема чест е посетата на приватната куќа на Черути, кој во своето 60 годишно постоење не е отворена за новинари, ова беше ретка прилика и чест. Таму може да се видат 3.300 баснословно скапи уметнички изработки, од кои уметнички слики од Модиљани вредна 18 милиони евра, две слики од Пикасо (по 6 милиони евра), дела од Да Винчи и Микеланџело, првата дрвена сликовница од Пинокио, библија изработена од Микеланџело и многу многу други уметнички слики од најпознатите светски уметници, дела од приватната колекција на некогашниот италијански моќник Черути.

Да се вратиме малку наназад, што се однесува до замокот, Кастело ди Риволи, тој се наоѓа на околу 15 километри западно од Торино,и претставува една од кралските резиденции на Савој во Пиемонт. Оваа зграда е од историски интерес и е на светско наследство на УНЕСКО. Таа моментално е Музеј на современа уметност. Погледот кон градот Торино од таму е спектакл…