Косовскиот игран филм „Улиште“ (Hive) на Блерта Башоли (Blerta Basholli) – во кој копродукциски учествуваше и Црна мачка продукција – предизвика голем интерес кај публиката.

Кинотеката ќе го прикаже „Улиште“дополнително во два термини, на 12 март (сабота), од 18:00 и  од 20:00 часот.

„Улиште“ е дебитантски филм на авторката Башоли и е трикратен добитник на награда на 38 филмски фестивал „Санденс“ во САД годинава, како и официјален косовски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар меѓународен филм.

Главната улога во „Улиште“ ја толкува извонредната актерка Јилка Гаши (Yllka Gashi).

УЛИШТЕ
(Hive)
Игран филм, Косово / Македонија / Чешка / Луксембург / Албанија
2021, 84 мин., колор, ДЦП
Режија: Блерта Башоли (Blerta Basholli)
Сценарио: Блерта Башоли (Blerta Basholli)
Улоги: Јилка Гаши, Чун Лајчи, Аурита Агуши, Кумрије Хоџа, Адриана Матоши (Yllka Gashi, Çun Lajçi, Aurita Agushi, Kumrije Hoxha, Adriana Matoshi)

Фахрије е жена чиј сопруг e исчезнат уште од војната во Косово. Таа започнува мал земјоделски бизнис за да го прехрани своето семејство во традиционалното патријархално опкружување каде на нејзината амбиција да биде еманципирана не се гледа како на позитивна работа. Нејзиниот потфат започнува добро, освен пчелите во нејзиното улиште, кои се чини дека се хаотични и агресивни кон неа. Во своето патување да се помири со пчелите, таа започнува да прави мир и со самата себе, за да може да живее и да се зајакне во новата ситуација за да се соочи со многу непријателска реалност… Филмот се базира на вистинска приказна.

Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари