Во Кина се појави нов вид вирус на свински грип кој има потенцијал да се претвори во пандемија, пишува „Би-Би-Си“.

Научниците неодамна забележаа дека новиот вирус се пренесува од свињи, но постои можност за зараза и кај луѓето. Потврдено е дека вирусот може да мутира и лесно да се пренесува од личност до личност.

Во моментов, вирусот, кој научниците го нарекоа G4 EA H1N1, не е проблем, но, наводно, ги има сите потребни карактеристики како што се лесни и брзи адаптации и можност за зарази кај луѓето, поради што е ставен под лупа. Бидејќи станува збор за нов вид на вирусот, луѓето веројатно имаат слаб или немаат имунитет кон него.

Научниците во магазинот „Proceedings of the National Academy of Sciences“ советуваат воведување итни мерки за контрола на вирусот кај свињите и да ја следат состојбата на работниците во индустријата за свињи.

Тие наведуваат дека новиот вид вирус е сличен на оној што се појави во Кина во 2009 година, но има и некои разлики. Може да расте и да се размножува во клетките на дишните патишта кај луѓето.

-Ние, со право сме преокупирани со коронавирусот во моментот, но треба да обрнеме внимание и на потенцијално опасните нови вируси – рече професорот Кин-Чоу Чанг од Универзитетот во Нотингем, Велика Британија.

Иако новиот вирус досега не претставува закана, Кин-Чоу Чанг додава дека „не треба да се игнорира“.

Последниот пандемски грип со кој се соочи светот – епидемијата на свински грип во 2009 година, која започна во Мексико – беше помалку смртоносна отколку што првично се стравуваше, главно затоа што многу постари луѓе имаа имунитет кон него, веројатно заради неговата сличност со другите вируси на грип што циркулирале пред години.

Вирусот, наречен A / H1N1pdm09, сега е опфатен со годишна вакцина против грип за да ги заштити луѓето од инфекција, пренесува „Индекс“. А.Р.