Вухан Фото. Reuters/Aly Song

И додека во епицентарот на коронавирусот градот Вухан, ноќните клубови повторно се отворија, ваквите забави остануваат само неостварен сон за остатокот од светот.

Ноќниот живот на Вухан се враќа во полн ек скоро седум месеци по укинувањето на строгата блокада, а младите забавувачи го прифаќаат со раширени раце.

Ова се сцени кои во моментот се незамисливи поради пандемијата во остатокот од светот, но младите жители на Вухан уживаат во ноќните излегувања, гужвите, дружењето во клубовите и храната на уличните тезги и го надополнуваат изгубеното време, пренесува „Јутарњи“.

Многумина се надеваат на такви сцени во 2021 година по глобалното воведување на вакцината за ковид-19.

„По првиот бран на епидемијата во Вухан, сега се чувствувам како да живеам уште еден живот“, вели Занг Кионг (29), прославувајќи роденден со пријателите во преполн паб.

Надвор, млади луѓе без маски се забавуваат на улиците, играјќи.

Вухан не пријавил нов случај на локално пренесување на коронавирус од 10 мај, откако таму беше на сила едно од најстрогите заклучувања во светот.

Тој град со 11 милиони жители беше отсечен од остатокот на Кина во ненадејната блокада што започна на 23 јануари. Беа поставени бариери на патиштата и авиони, возови и автобуси не можеа да влезат во градот. Скоро 3.900 од 4.634 смртни случаи од коронавирус во Кина се забележани во Вухан.

Младите зборуваа за тоа како биле затворени во своите домови со месеци, а многумина го искористиле тоа време да се подготват по повторното отворање.

„Некоја од мојата нова музика сигурно се однесува на пандемијата“, вели Ванг Ксинхао, фронтмен на поп-рок групата од Вухан „Мед рет“. Тој организираше концерт за повеќе од 100 луѓе оваа недела. Една од неговите нови песни беше инспирирана од три месеци живот со неговата мајка.

“За време на епидемијата, Вухан беше мртов град. Сега сите излегуваат да јадат и да се забавуваат. Мислам дека немаше толку многу луѓе таму дури и пред епидемијата”, изјави рок-музичарот Ји Ји за Ројтерс.

И покрај успехот на ноќната сцена во Вухан, сопствениците на деловни активности и ресторани велат дека може да помине некое време пред зголемувањето на прометот да ги надомести големите загуби направени за време на затворањето. Сепак, пораката сега за многумина е појасна.

“Овој пат сакам да ценам сè во животот затоа што никогаш не знаете кога ќе заврши. Секој среќен ден е важен”, додава Занг.  А.Р.