Нов скандал го тресе „Браќа Манаки“

Самоволието на сопствениците на „Браќа Манаки“, ДФРМ, оди дотаму, што претходната директорка Теодосиевска не е формално-правно разрешена, но веќе е избран нов директор на битолскиот Фестивал на филмската камера, Мони Дамески, чие поставување, за жал, не е легитимно

806

Сунчица Уневска

Како што веќе сите знаат, нов директор на „Браќа Манаки“ е актерот Мони Дамески, и тоа, како што пишува во нивното соопштение, избран едногласно??? За претходната директорка, Гена Теодосиевска, која беше „разрешена“ пред да и помине мандатот, по брза постапка, самопрогласените сопственици на фестивалот, ДФРМ, се закануваа и со можно поведување кривична постапка. Освен тоа, како што дознаваме, во меѓувреме е разрешен и претседателот на Надзорниот одбор, Никола Мадиќ, заради тоа што укажувал и ги пријавувал неправилностите во работата на ДФРМ, па ни тоа не било доволно, туку тој е исклучен и од членството на ДФРМ. Која ароганција и која сила!!! А до каде оди нивната моќ зборува и стравот на многумина од членовите, за што секако не се зборува отворено, бидејќи се плашат дека повеќе никогаш нема да можат да работат.

Добро, до кога во нашава земја некое вакво струковно здружение ќе може да се однесува толку диктаторски и да одлучува кои ќе бидат негови членови, кој може, а кој не може да работи, каква ќе биде судбината на фестивал кој постои 40 години и дали воопшто тој фестивал ќе се развива, да поставува и да разрешува директори како ќе му текне и да се однесува малтене како да има ингеренции на влада во државава??? Мора да се запрашаме до каде оди поддршката на власта за некој вака, воопшто, да може да си дозволи да се однесува?

Без кворум разрешена Теодосиевска

Но, да тргнеме со ред. Официјално соопштение и образложение дека е разрешена поранешната директорка, Гена Теодосиевска, всушност, и немаше. Информацијата излезе на крајот на март, но изјавата на претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, беше дека таа е разрешена, но седницата била прекината. Најавено беше дека ќе има нова седница и дека со поголемо мнозинство не бил усвоен и извештајот за работата на „Браќа Манаки“. А овде, за да биде појасно, да кажеме дека станува збор за извештај за 2020 година, значи за фестивал кој всушност според одлуката на ДФРМ и не требаше, па и не се одржа, освен некои активности што ги презема директорката за да го одбележи, а за кои Агенцијата за филм до денеска ги нема платено хонорарите???

Но, како што дознаваме, седницата на која е разрешена директорката, кворум воопшто и немало (од 96 члена присутни биле 47), а што е уште поинтересно, и од тие кои биле присутни ни половината на гласале за нејзиното разрешување (скорот изгледа вака: 22 гласа за, 7 гласа против и 18 воздржани). Така што, одлуката за разрешувањето е нелегитимна и неважечка и треба да се повтори. Па сепак, и покрај тоа, ДФРМ си одржа седница на Собранието и си изгласа нов директор, Мони Дамески, при што во нивното соопштение пишува, со едногласна одлука, но ако тргнеме од претходно кажаното, а и од тоа со колку гласа ги бирале претходните директори, тоа е доста спорно, но во тоа сега нема да навлегуваме. Најважно, во овој момент, е дека за жал, постапката за избор на новиот директор е нелегитимна кога претходниот директор сè уште формално-правно не е разрешен.

Фестивалскиот тим е оформен без директор

Па сепак, во дописот на ДФРМ до редакцијата на ФИЛМ+, каде што бараат извинување, меѓудругото и заради нашето пишување дека директорката е разрешена без оправдание и без поминат мандат, тие наведуваат дека разрешувањето на директорката е сторено согласно законски прописи и интерни акти на ДФРМ, а во надлежност на Собранието на друштвото е дали против истата ќе биде поведена и кривична постапка. Се надевам дека сега е појасно за што овде зборуваме.

Е, сега, бидејќи веќе дојде јули, а „Браќа Манаки“ се одржува во септември, директор мораше да се изгласа и се изгласа без ниту да се расчистени споменатите проблеми. Она што е, исто така, многу интересно, дознаваме дека фестивалскиот тим веќе е оформен и ставен во функција, така што според ДФРМ веројатно не е проблем што волку се доцни со избор на директор????

Замислете, фестивалски тим, кој инаку по сите правила не би требало да биде направен без директор. Кој одлучува за фестивалскиот тим и кој го става во функција? А за оние кои не знаат како се прави фестивал можеби тоа што до септември има два месеца не изгледа страшно, но за оние кои знаат, сериозен фестивал е невозможно да се направи за два месеца. Фестивал се прави цела година, а интензивно барем шест месеци. Но, за ДФРМ тоа не е проблем, бидејќи и онака фестивалот не расте, ниту пак тие сакаат да расте (тоа беше една од големите замерки за фестивалот под палката на Димитар Таки Николов), доволно е да се одржи и да се земат пари за хонорари за истиот.

Која е целта на „Златна рамка“

За нивните намери, впрочем, доволно зборува и манифестацијата „Златна рамка“ која е измислена и издвоена од „Браќа Манаки“ за повторно да се земаат пари. И на „Манаки“ се одржуваше програма посветена на македонскиот филм. Инаку, која е целта да прикажувате македонски филмови надвор од фестивал? За која публика, за домашната (која и кога играа во кино едвај ги гледаше)? И што славите со таа манифестација? Сите фестивали ја прикажуваат домашната продукција на фестивал, токму заради промоција на домашните филмови пред странската публика и заради можноста да ги видат агенти, дистрибутери, копродуценти.

Само кај нас македонската кинематографија се прикажува посебно и се доделуваат награди, кои си ги даваат филмаџиите самите на себе и тоа треба да биде доволно славење на македонскиот филм…

А што е уште поинтересно е што официјалниот буџет за оваа манифестација, што го одобрува Агенцијата за филм е 1,5 милиони денари, додека вкупниот (со спонзорски средства или донации) не го знаеме. Само за појаснување, Скопскиот фестивал добиваше толкав буџет, а „Астерфест“, кој како и Скопскиот, донесе бројни гости и плаќа авторски права, добиваше половина од таа сума, инаку тоа се фестивалите кои годинава не ни добија поддршка. На „Златна рамка“ се прикажуваат македонски филмови за кои нема никакви трошоци, а освен тоа соработуваат и со институции како Кинотеката на Македонија. Впрочем, Кинотеката е и коосновач на „Браќа Манаки“, но за жал дозволува да биде дел од ваква манифестација која нема врска со ништо, освен со земање пари. Но, така е тоа кај нас, никој не се буни, а најмалку коосновачите, Кинотека и градот Битола.

Никола Мадиќ исклучен од ДФРМ

Но, да се вратиме на самоволието на ДФРМ, кое почна да се пресметува и со своите членови. Претседателот на Надзорниот одбор, Никола Мадиќ, кој пријавуваше неправилности и злоупотреба на пари, поради што во ДФРМ имаше инспекција, е разрешен по брза постапка, на седница одржана во негово отсуство. На барањето од негова страна, бидејќи беше спречен лично да присуствува, но и од други членови, да се вклучат во расправата преку платформата ZOOM, им беше кажано дека може да бидат присутни, секако заради кворум, но не може да дискутираат??? Која демократија! Така што Мадиќ е разрешен од претседател на одборот, но што е уште поинтересно, исклучен е и од Здружението, што е преседан, бидејќи тој е првиот член на ДФРМ кој е исклучен во неговата 70-годишна историја. Тогаш станува појасно, нели, од каде стравот на членовите, бидејќи тогаш не само што нема да добијат поддршка од Агенција за филм, туку нема да бидат ни повикувани да работат во филмските екипи при снимање на филмови, со што остануваат без финансиски средства…

Но, моќта е голема кога зад вас стои приватизираната Агенција за филм, која како што во повеќе наврати пишуваме, работи за шака луѓе од ДФРМ, а очигледно не реагира ни власта, која ги поддржа со изборот на новиот директор, со кого си продолжи сè исто, а ги поддржува и со ангажирање нивни роднини како хонорарци, кои работат на проекти за потребите на власта??? Епа наздравје! Толку од легитимноста, од законите и од функционирање на државните институции, кога ова самоволие си трае со години и кога сите текстови поминуваат во стилот, кучињата си лаат, а карванот си врви.

И, како нема да се плашат? Оние кои имаат каде, бегаат, а другите остануваат, но ако се обидете да се спротивставите, еве како работите завршуваат. И за нив, а допрва ќе видиме и за нас, бидејќи веќе ни беше испратено барање за извинување???

Замислете, да се извиниме на шака народ која си работи со парите на државата преку Агенцијата за филм, која покрај редовните месечни 2.000 евра, има сè повеќе измислени проекти на кои исто така работат и земаат хонорари нивни блиски, и си немаат гајле. Тоа кај нас е легитимно!!! Кој не разбира негов проблем, нели?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на TEXT.MK. Редакцијата на TEXT.MK се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.