Замислете свет во кој се движите во ваш личен меур – ја слушате омилената музика, играте гласни компјутерски игри, гледате филм или добивате упатства за навигација во автомобилот без да ги вознемирувате оние околу вас, бидејќи тие воопшто не го слушаат тоа.

Ова е можноста донесена од „саунд биминг“ (звук кој зрачи), нова, футуристичка аудио технологија на израелската компанија „Noveto Systems“.

Оваа компанија претстави десктоп уред, кој емитува звук директно до слушателот без потреба од слушалки. Компанијата на агенцијата „АП“ и даде ексклузивна демо верзија од десктоп прототипот на својот уред „SoundBeamer 1.0“ пред неговото претставување. Чувството на слушање е како од научно-фантастичен филм. Тридимензионалниот звук е толку близок, што се чини како да е во вашите уши, додека е пред, над и зад нив.

„Новето“ очекува уредот да има многу практични употреби – од овозможување на канцелариски работници да слушаат музика или конференциски повици без да ги вознемируваат другите, до дозволување некому да игра игра, да гледа филм или да слуша музика без вознемирување на околината.

Немањето слушалки значи дека е можно јасно да се слушнат други звуци во просторијата.

Оваа технологија користи 3Д сензорски модул, ја локализира и следи позицијата на увото со испраќање звук преку ултразвучни бранови за да создаде „џебови на звук“ веднаш до ушите на корисникот. Звукот може да се слушне во стерео или просторен 3Д режим, што создава звук во простор од 360 степени околу слушателот. Иако концептот на „звук што зрачи“ не е нов, „Новето“ прв ја лансираше технологијата за тоа, а неговиот десктоп „SoundBeamer 1.0“ ќе биде првиот брендиран потрошувачки производ.

Помалата, попогодна верзија на овој прототип ќе биде подготвена за пуштање на пазарот за Божиќ 2021 година. А.Р.