дома Спорт Фудбал Обвинителство: На лекарите на Марадона треба да им се суди за убиство...

Обвинителство: На лекарите на Марадона треба да им се суди за убиство од небрежност

36

Откриени се нови детали од истрагата за смртта на Диего Марадона. Аргентинското обвинителство побара обвинение против лекарскиот тим на легендарниот фудбалер Диего Марадона, кој почина во 2020 година, поради убиство од небрежност.

Осум членови на персоналот се обвинети за „пропусти и малтретирање“, што го ставило Марадона во „беспомошна ситуација, за време на скандалозната домашна хоспитализација“, се вели во поднесокот на судот, објави денеска АФП.

Марадона почина на 25 ноември 2020 година, на 60-годишна возраст, од срцев удар дома во Буенос Аирес, додека се опоравуваше од неврохируршки зафат. Неврохирургот и матичен лекар Леополдо Лук и психијатарот Агустина Косачов се под истрага, како главни одговорни за здравјето на поранешниот фудбалер.

За убиство од небрежност, членовите на персоналот се соочуваат со затворска казна од осум до 25 години. Обвинетите, според обвинителите, „биле учесници во невидена, неисправна и несовесна домашна хоспитализација“, а понатаму извршиле „низа импровизации, лошо менаџирање и пропусти“.

По ова обвинение, одбраната на обвинетите мора да изнесе аргументи и може да бара обвинението да се отфрли. Случајот потоа може да биде изведен пред судот во Сан Исидро, северно предградие на Буенос Аирес.