Обезвреднување на македонските автори

124

Веќе стана толку вообичаено кај нас никој ништо да не коментира. Сè се сведува на пренесување информации и преземање соопштенија буквално од А до Ш, така што секој може да прати што сака и да се фали колку што сака, никому ништо. Уште сите тоа ќе го запаметат и го сметаат здраво за готово. Тоа, секако, е уште една, ако не и најголемата, причина да постои едно вакво списание, бидејќи уште малку и ќе заборавиме да мислиме.

Така, нормално, како и сè друго, помина и веста за македонски кандидат за номинација за „Оскар“ за оваа година. Сите ја пренесоа информацијата дека наш кандидат за 2016 година ќе биде „Ослободување на Скопје“ во режија на Раде и Данило Шербеџија и дека овој филм бил избран со мнозинство гласови од седумчлената комисија предводена од Лабина Митевска, во која членувале и: Наум Доксевски, Дејан Дуковски, Петар Богоевски, Роберт Јазаџиски, Мето Јовановски и Игор Василев – Новоградска. Нема прашања, нема зошто тој филм, кој го одбрал, кој ја составува комисијата итн.

Не можеме да премолчиме еден, овој пат, толку очигледен факт. „Ослободување на Скопје“ беше најслабиот од сите филмови што ги имавме оваа година. Иако имаат свои доблести и мани, но и „Лазар“ на Светозар Ристовски, и „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, и „Џган“ на Вардан Тозија се далеку подобри филмови од „Ослободување на Скопје“. И далеку поавтентични, пооригинални, посвежи и свои. Кој било од овие три филма многу подобро ќе ја претставеше македонската кинематографија, бидејќи сите обработуваат актуелни теми кои на овој или оној начин зборуваат за македонското општество и сите имаат свој пристап, што точно зборува за една понова генерација македонски автори. Освен тоа, и „Лазар“ и „Три дена во септември“ имаа светски премиери на филмски фестивали од А категорија, во Варшава и во Монтреал.

Но, кај нас и понатаму главниот збор во поглед на овој избор го има Друштвото на филмски работници, во кое челните луѓе работеа на „Ослободување на Скопје“. Па тие си ја направија комисијата и си одлучија кој треба да биде македонски кандидат за „Оскар“ и да се претстави во оваа трка за номинации со нашите пари. Ако некој мислеше дека кон тоа може да придонесе името на Раде Шербеџија, многу се лаже, бидејќи првенствено се покажува нашето обезвреднување на самите себе, а како второ, кога филмот не е добар не помага ни Роберт де Ниро ни Мерил Стрип. Факт е дека кај нас многу нешто треба да се менува, а особено да се престане со бесрамна манипулација, но она најважно што треба да се промени е односот кон себе и вреднувањето на вистинските вредности, па колку тие скромно и да се појавуваат.

Сунчица Уневска