Новак Ѓоковиќ одлично го започна учеството на Мастерсот во Лондон. Со победата над Диего Шварцман (2:0), тој се бори за шестиот триумф на турнирот во Лондон.

Во случај да го освои трофејот, Новак ќе сруши дури три рекорди на Роџер Федерер. За еден се зборува долго време – бројот на недели на врвот на АТП-листата, кој ќе го урне ако триумфира на сите натпревари сега.

Тој би го делел рекордот со Федерер доколку го освои шестиот трофеј. Но, тоа не е сè, пренесува „Новости“. Доколку Новак Ѓоковиќ го подигне пехарот во недела, тој ќе стане најстариот тенисер што некогаш го освоил финалниот мастерс!

Федерер го држеше овој рекорд цели девет години. Тој го освои трофејот во Лондон уште во 2011 година, кога имаше 30 години, а доколку Ѓоковиќ го освои турнирот, тоа ќе го направи на 33-годишна возраст.

Овој рекорд може да го сруши и Рафаел Надал, во случај да триумфира во Лондон, бидејќи тој во јуни го прослави 34-от роденден. А.Р.