Церемонијата на отворањето на Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе се одржи на 11 јуни на стадионот „Ацтека“ во мексиканската престолнина Сиудад де Мексико, додека финалето ќе се игра на 19 јули во Њујорк на стадионот што го користат НФЛ тимовите „Њујорк Џајантс“ и „Њујорк Џетс“, соопшти Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

Ова ќе биде трет пат отворањето и првиот натпревар на најдобрите светски фудбалери да се одржи на тој легендарен стадион. Стадионот „Ацтека“ всушност беше сцена на отворањето на Светските првенства во 1970 и 1986 година, а во тие години Мексико беше единствениот домаќин, па финалето на тие две светски првенства се играше и на стадионот „Ацтека“, пренесува ХИНА.

Исто така, на стадионот „Ацтека“ се одигра четвртфиналниот натпревар од Светското првенство во 1986 година, во кој Аргентина ја совлада Англија со 2:1 благодарение на двата гола на легендарниот Диего Марадона, од кои првиот го постигна „Божјата рака“, додека вториот беше прогласен за гол на 20 век.

Стадионот на Џајантс и Џетс се наоѓа во Ист Радерфорд во државата Њу Џерси, осум километри западно од градот Њујорк. Отворен е во 2010 година и има капацитет од 82.500 седишта.

СП 2026 ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, а домаќини на натпреварите ќе бидат 11 американски градови (Атланта, Бостон, Далас, Хјустон, Канзас Сити, Лос Анџелес, Мајами, Њујорк, Филаделфија, Сан Франциско, Сиетл), три мексикански града (Сиудад де Мексико, Гвадалахара, Монтереј) и два канадски града (Торонто, Ванкувер), пренесе „Вијести.ба“.

На СП за прв пат ќе учествуваат 48 репрезентации кои ќе бидат поделени во 12 групи по четири репрезентации. Во нокаут фазата ќе се пласираат 32 селекции, двете најдобри од секоја група и осумте најдобри третопласирани, што значи дека репрезентациите кои ќе стигнат до финалето ќе одиграат осум натпревари, наместо досегашните седум, а во нокаут фаза шампионот ќе треба да оствари пет победи наместо досегашните четири.

Зголемувањето на бројот на учесници и продолжената нокаут фаза во голема мера го зголемија бројот на натпревари на СП, па така од 11 јуни до 19 јули ќе се одиграат дури 104 натпревари, додека на последните седум СП се одиграа 64 натпревари.