По повод одбележувањето на Денот на независноста на Северна Македонија – 8 Септември и претседавањето на Чешката Република со ЕУ, од денеска до 9 септември во Прага ќе се одржува манифестацијата „Денови на македонската култура во Чешка“, на која ќе присуствува и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Министерството за култура, во соработка со Амбасадата на Република Северна Македонија во Прага, подготви интересна програма, која пред чешката и европската културна јавност ќе претстави млади, но и докажани автори и репродуктивни уметници од Република Северна Македонија.

Манифестацијата ќе биде отворена вечер со започнување на тридневната Ревија на македонски филмови што ќе се одржува во „Едисон филм-хаб“ во Прага. Ќе бидат прикажани три краткометражни филмови: „Налепница“ од Георги Унковски, „Змија“ од Андреј И. Волкашин и  „Северен Пол“ од Марија Апчевска, како и четири долгометражни филмови: „Хомо“ од Игор Иванов, „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“ од Теона С. Митевска, „Врба“ од Милчо Манчевски и „Сестри“ од Дина Дума.

Покрај прикажувањето на дел од поновата македонска филмска уметност која доживува меѓународен успех, утревечер концерт ќе одржи Камерниот оркестар од Битола, кој постои неколку децении и активно ги промовира авторите и уметниците од Република Северна Македонија во меѓународни рамки. Со Камерниот оркестар, кој ќе изведе македонска изворна и популарна музика, ќе настапат и солистите со интернационална кариера – Влатко Стефановски и Тамара Тодевска. Пред концертот, присутните ќе ги поздрави министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

В петок, во престижниот театар „Divadlo Apollo“, ќе биде изведена претставата „Антитело“, авторско дело на студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје под менторство на проф. Зоја Бузалковска. Претставата, преку документарен театарски формат, прикажува вистински приказни од животот на студентите по актерство и нивните блиски пријатели и познаници, кои се случиле во минатото, а чии последици излегуваат на површина во текот на пандемијата.  

Во рамките на престојот во Прага, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска утре напладне ќе се сретне со заменик-министерот за култура на Чешката Република,  Ондржеј Храст, а во текот на денот оствари работна средба и со претседавачот на собранискиот комитет за европски прашања, Петр Бејтл, како и со министерот за ЕУ на Чешка, Микулаш Бек.

На 9 септември министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, во македонската Амбасада во Прага, ќе се сретне со студенти од земјава кои се школуваат во Чешка, поддржувајќи ги нивните амбиции и интереси, како и позитивното искуство што го имаме со Чешка на полето на образованието, особено во областа на филмот.

Со оваа манифестација Северна Македонија ја продолжува практиката на афирмација на македонската култура во земји што се во фокусот на надворешната политика на државава, земји претседавачи на ЕУ, земји со кои се одбележуваат годишнини од воспоставувањето на дипломатските односи, земји од регионот, земји со кои се потпишуваат или се обновуваат билатералните договори или, пак, во градовите – европски престолнини на културата.