Од денес, 1 септември почнуваат да важат нови мерки за спречување на проширувањето на КОВИД-19.  Според нив домашните и странски државјани за влез и за излез од територијата на Република Северна Македонија на граничните премини ќе мора да приложат:

-Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација), односно примени две дози на вакцина против КОВИД-19.

-Сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

-Медицинска потврда со негативен резултат од PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Северна Македонија или негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.

Доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-предвиден е задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.

Исклучоци од оваа мерка важат за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.

Исклучок од мерката има и за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.

Прифатен e предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга.

Дополнет е протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголемува бројот на деца од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години. А.Н.