Комисијата за заразни болести предложи, Владата денес прифати од понеделник државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да може да влегуваат без негативен ПЦР-тест кај нас, а за возврат и ние можеме да патуваме во овие четири земји без тест.

Премиерот Зоран Заев информира дека Владата ја прифатила препораката од Комисијата за заразни болести и е донесена одлука да се овозможи непречен влез на странските државјани од овие четири земји.

„Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји без обврска да приложат негативен тест“, соопшти Заев.

Оваа одлука е донесена по доставен предлог и позитивно мислење на Комисијата за заразни болести според кое до овој момент нема индикации или висок број на влезени позитивни случаи од странски држави, а со тоа и нема висок ризик по јавното здравје.

А.Н.