Откако хрватскиот министер за туризам го претстави планот за отворање на летната туристичка сезона, во кој се предвидува дека до крајот на мај патувањето ќе биде олеснето за Словенија, Австрија, Унгарија, Чешка и Словачка, а во текот на јуни за Германија, Полска и други земји со слична безбедна епидемиолошка ситуација, хрватскиот туристички сектор, преку Хрватското здружение за туризам, презентираше план за отворање на туристички капацитети и препораки за туристички патувања во Хрватска.

Планот за отворање на туристички објекти предвидува отворање на камповите во Истра, Кварнер и Далмација, како и некои хотели до крајот на мај, а целосното отворање на повеќето хотели и сите други туристички услуги на дестинациите се очекува во текот на јуни.

За прв пат по 89 дена, поточно од 9 март во Хрватска не се регистрирани нови случаи на инфекција со коронавирус. Досега во Хрватска се тестирани 60.864 лица, од кои 953 во последните 24 часа.

Хрватските граници се отворени за туристи. По влегувањето, туристите мора да имаат потврда за резервација за сместување, а на границата да добиваат упатства за безбеден престој во земјата.

Исто така, се изработува туристичка апликација, со која гостите ќе можат однапред да го најават своето пристигнување што ќе им овозможи побрзо да ја преминат границата. Апликацијата ќе овозможи воведување на режим со „брза линија“ за влез на туристите во Хрватска до крајот на месецот.

Во текот на јуни се очекува земјите од главните хрватски пазари да им овозможат на своите граѓани слободно да патуваат во Хрватска и назад, со оглед на препораките дадени од Европската комисија и фактот дека Хрватска е една од земјите со најмал број заразени луѓе во Европа.

Хрватските хотелиери и професионалци за туризам се подготвени за отворањето на сезоната. Сите стандарди за безбедност на престојот на гостите се спроведени во сместувачки капацитети, ресторани и други туристички капацитети според препораките на хрватските епидемиолози, Светската здравствена организација и во однос на препораките од клучните пазари. А.Р.