Од среда почнуваат со работа двата аеродроми во земјава, Аеродромот-Скопје и охридскиот, а поесбниот здравствен протокол по кој ќе се патува, беше разгледан на денешната средба помеѓу министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и Алпер Ерсој директор на ТАВ Македонија.

-Двата аеродрома се отвораат во среда. Протоколот имавме шанса да го видиме и навистина е направен по сите светски стандарди, целосно почитувајќи ги принципите за дистанца, задолжително носење маска, а на многу места во зградата се поставени места за дезинфекција на рацете. Во зградата ќе може да влегуваат само патниците, со што значајно се намалува ризикот од гужва, што сметам дека е еден одличен модел и големо олеснување во целиот овој процес што значи чекирање карта, багаж итн. Поставена е термална камера на влез од ТАВ, а ние ќе продолжиме по истиот систем на скрининг, како што почнавме пред повеќе месеци, преку термалната камера, која е поставена тука и на аеродромот во Охрид да се прави термален скрининг на патниците кои доаѓаат – потенцираше министерот Филипче, и додаде дека и понатаму ќе функционира и собата за изолација, доколку некој патник е со покачена температура.

Вработените од Центарот за јавно здравје Скопје, кои ќе бидат тука присутни ќе може да индицираат и тестирање. Тој истакна дека овој протокол е навистина добар и ги има сите предуслови да се почитува.

Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, рече дека единствено со одговорно однесување и почитување на мерките и протоколите од страна на сите нас, ќе можеме повторно да имаме функционален авиосообраќај и граѓаните ќе можат непречено да патуваат без да го загрозат сопственото здравје.

-Отворањето на границите и аеродромите и активирањето на сите видови сообраќај е од клучно значење за економијата на нашата земја. Меѓутоа активирањето на авиосообраќајот во земјава не зависи само од нас како Влада, туку и од одлуките и политиките на самите авиокомпании. Затоа, изминативе денови разговарав со претставниците на авиокомпанијата Визер, чиј договор беше прекинат во периодов на вонредни мерки поради Корона кризата, но сега со отворањето на аеродромите, Договорот повторно се активира. Најавата е дека компанијата ќе започне со работа од 2 јули. Како што сум информиран веќе во меѓународниот систем на летови започнала со продажба на билети. Но и обврска е на Визер со пуштањето на аеродромите да започне со летовите и линиите предвидени со Договорот, истакна министерот Сугарески.

Одговарајќи на новинарско прашање, министерот Филипче потенцираше дека се одржаа разговори со претставници на Советот за здравство на Европската комисија, минатата недела, на кои тој ги презентираше сите наши наоди, статистики и анализи. Закажани се и дополнителни состаноци за утре (вторник) и во четврток, согласно нивната агенда.

-Во текот на денов очекувам да го слушнам и грчкиот министер за здравство, во однос на најавите дека е можно да се отвори и преминот Евзони, доколку има нешто во текот на денот ќе известиме и утре од состанокот со претставници на Европската комисија, рече министерот Филипче. А.Н.