Од утре 15 мај 2018 година, се повлекуваат од оптек книжните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари односно веќе нема да бидат законско средство за плаќање, а влегуваат во оптек првите полимерни пари на Република Македонија во истата апоенска вредност, соопшти Народната банка.

Доколку и од утре, 15 мај, граѓаните и правните лица поседуваат книжни пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари, имајќи предвид дека тие веќе нема да бидат законско средство за плаќање, нив ќе можат бесплатно да ги заменат за други пари или ковани пари во еквивалентен износ. Од 15 мај годинава до 15 мај 2019 година, ќе можат да ја извршат замената во деловните банки во Република Македонија. По 15 мај следната година, замената ќе може да се изврши исклучиво во Народната банка.

Kованите пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари и натаму ќе бидат во оптек, односно и натаму се законско средство за плаќање во Република Македонија, поради што за нив не треба да се врши замена за други пари во еквивалентен износ.

Влегувањето во оптек на полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари на 15 мај годинава е значаен момент во работењето на Народната банка. Од утре, Република Македонија ќе биде на мапата на државите чијашто централна банка има започнато процес на полимеризација на парите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии пари со пониска апоенска вредност, коишто се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.

Основната разлика помеѓу полимерните и книжните пари коишто се повлекуваат од оптек е токму материјалот којшто се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен. Поради постигнување компатибилност за печатарска изведба на овој супстрат за изработка, направено е соодветно приспособување на основниот дизајн на овие пари. Меѓу другото, наместо водениот печат којшто го содржеа книжните, полимерните пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Поконкретно, кај апоенот од 10 денари е претставен стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета. На овие пари во апоенска вредност од 10 и 50 денари има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на апоенот од страна на лицата со оштетен вид.