Режимот „роаминг како дома“ на Западен Балкан од 1 јули значи чекор поблиску до намалување на цените на роаминг со ЕУ, изјави генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РКЦ) Мајлинда Брегу на состанокот на Работната група за западен Балкан за политиката на роаминг.

За време на вчерашната средба, Брегу потсети дека потпишувањето на Договорот за намалување на цените на роамингот на Западен Балкан во април 2019 година беше историско достигнување и еден од главните резултати на Дигиталната агенда за Западен Балкан, со кој се тестираше посветеноста и довербата во регионалниот дијалог и воедно донесе конретна корист на граѓаните.

– Убедена сум дека регионот повторно ќе има резултати и дека, кога ќе заврши пандемијата, нашите граѓани ќе уживаат во сите придобивки од регионот без роаминг – рече Брегу.

ОД РКЦ соопштија дека трошоците за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ се огромни и не се засноваат на пазарните услови, и дека, поради екстремно високите трошоци за роаминг, граѓаните од регионот плаќаат четири пати повеќе за истата услуга отколку граѓаните на Унијата.

– Нашиот следен чекор е да ги намалиме цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ, што ќе бара целосна посветеност на сите вклучени актери, особено телеком операторите, како и подеднакво важна техничка поддршка од Европската комисија, Генералниот директорат за комуникациски мрежи, содржина и технологија, и од Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, како и од највисоките претставници од регионот – изјави Брегу.

Ќе има и намалување на цените меѓу ЕУ и регионот

Дејвид Рингорс, шеф на Генералниот директорат за комуникации, содржина и технологија на ЕУ, рече дека регионалната соработка е вистинскиот начин да се постигнат резултати за граѓаните од Западен Балкан и целосната имплементација на Договорот за намалување на цените на роамингот во регионот беше првиот чекор кон намалување на цените меѓу ЕУ и регионот.

Раководителката на секторот во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, Алесандра Сгоби, рече дека треба да се одржи позитив ниот момент и да се продолжи со успехот на РКЦ, бидејќи намалувањето на цените на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ може да донесе регионот поблизу до единствениот пазар на Унијата.

Состанокот на РКЦ собра претставници на ЕУ, министри надлежни за информатички и комуникациски технологии и регулаторни тела од регионот за да разговараат за тековниот статус на имплементација на регионалниот договор за намалување на цените на роамингот, како и идните чекори кон намалување на цените на роамингот ЕУ и Западен Балкан.

Во првите месеци од спроведувањето на регионалниот Договор, имаше зголемување на преносот на податоци за роаминг низ целиот регион, како и значително намалување на трошоците за роаминг, помеѓу 83 и 96 проценти, што помогна во подготовките за укинување на роамингот во Западен Балкан до кој би требало да дојде до 1 јули, се вели во соопштението.

Западен Балкан без роаминг и намалување на цените на роаминг со ЕУ се дел од програмата на заедничкиот регионален пазар, на која лидерите од регионот се обврзаа на самитот во Софија во ноември 2020 година.

РКЦ нагласува дека ќе помогне на транспарентен и сеопфатен начин во целиот процес на подготвување чекори кон намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, вклучително и олеснување на регионалните консултации со сите релевантни чинители. А.Р.