дома Живот Социјална политика ОЛИВЕРА ПЕТРУШЕВСКА, “СРЦЕ НА ДЛАНКА” : Пресреќна сум што на многу луѓе...

ОЛИВЕРА ПЕТРУШЕВСКА, “СРЦЕ НА ДЛАНКА” : Пресреќна сум што на многу луѓе и им ја враќаме среќата, насмевката, топлиот дом!

594
Невообичаено за наши услови, но многу етички и благородно, преку ангажман на ТВ екраните да им се помогне на луѓето на кои најмногу им треба помош и подадена рака. Водителката и уредничка Оливера Петрушевска ја доби таа задача на ТВ Алфа, ја извршува одлично, и со своето  “Срце на дланка” на многу настрадани луѓе им ја враќа надежта, им ја ублажува болката. Незаобиколно беше да поразговараме за нејзиното, според идеја и цел, ремек ТВ дело.
*Телевизиската публика во Македонија веќе извесно време е консумент на една сосема поинаква емисија, “Срце на дланка”. Оливера, кажете ни каков беше патот до една таква идејата за нешто за кое многу одамна има(ше) потреба?
-Менаџментот на Алфа ТВ одамна подготвувал ваков социјален проект. Јас пак, бев во друг филм. Лани летото им испратив пилот емисија со шоубиз тематика во Алфа. Програмскиот уредник и директорот ме виделе и одлучиле дека мојот лик им одговара во нивната замисла. Седнавме, разговаравме и за половина час одлуката беше “зачинета” со потпис. Се роди “Срце на дланка”. Моето чедо. Мојот проект кој го водам и уредувам, и на кој сум особено горда.
*Истражувачко новинарство во интересна форма – откривање на личности, судбини, луѓе околу нас, луѓе со свои приказни, невидливи, и луѓе на кои им треба подадена рака. Заборавени од општеството. Како доаѓате до нив, колку истражување треба за да се дојде до “податлив лик” за ваква емисија?
-Да ме прашавте лани, ќе ви одговорев, па добро, не е лесен животот, но, некако се преживува. Последниве четири месеци, откако се роди “Срце на дланка”, видов нешто што ни во најлош сон не претпоставував дека ќе го видам: куќи без прозорци, луѓе без домови, болни луѓе кои единствена шанса за живот гледаат во нас. Најмногу ме погодува слика на гладни деца, дечиња кои до последна капка го цедат јогуртчето, откако ќе ги изедат смоките уште половина час ја тресат кесичката. Луѓе кои во нас гледаат Богови. Продуцентот на емисијата ги наоѓа семејствата, потоа се вклучувам и јас, им ја проучувам историјата на животот. Договараме снимање и се раѓа приказната. Веќе емисијата си го фаќа своето место под сонцето, па и сами луѓето се пријавуваат на бројот за информации или на социјалните мрежи на емисијата.
*Кој беше првиот гостин со кого снимате? Преовлада ли силно емпатијата?
-Чинам додека сум жива ќе ги памтам сите херои кои го ставија своето срце на дланка. Првото снимање нема да го заборавам никогаш. Чичко Зоран Атанасов од Катланово. Самохран татко. Само тој знае како го извел на пат децата. Сега и внуците. Подоцна, на денот на селската слава им гори до темел куќата. Во една соба живеат 7 души…. Соба која не може да се загрее зашто е викенд куќа дадена од некои комшии додека се снајдат. Едвај чекам да појдам пак во Катланово и да го видам новиот дом на чичко Зоран изграден преку донациите што ги доби од “Срце на дланка” . Но, да ја видам и неговата насмевка која одамна беше изгубена од неговото лице.
*Сочувствувањето со болката на луѓето пред микрофонот е нешто што не може да се избегне, колку и да се обидува новинарот. Но, исто голема е умешноста тоа да се прикаже на гледачите во една би рекла повеќе информативна и гледлива, отколку патетична и непривлечна форма. Одлично го имате постигнато тој баланс. Чинам, доста се вложува целата екипа. 
-Иако со екипата точно знаеме кај кого одиме, и каков проблем има семејството, секое снимање е различно. Има луѓе на кои им е тешко, но не можат да си ја отворат до крај душата. Има и такви што им доаѓаме како мелем на рана, па ќе си ги извадат и најмрачните мисли од себе. Се случувало целата екипа од сниматели до режисер да плаче врз нечија судбина, зашто не е сеедно да слушнете мајка како вика дека го залажува детето со вода наместо со млеко. Или 15-годишно дете да не знае како изгледа роденденска торта и дека никогаш не дувало свеќички, или дека другарите ги отфрлаат зашто се сиромашни. Од камен да си ќе те здоболи. Запознав и препаметни деца кои немаат услови да учат. Или мајка повредена во сообраќајка која не може да си ги гушне сопствените деца. Некогаш ми доаѓало така силно да викнам во плач, да ги извадам сите денари што ги носам со себе и да им ги расфрлам, само да не чувствуваат повеќе болка и глад. Некогаш денови ми требаат после снимање да си дојдам на себе и да ја смирам болката во главата и душата. Кога ми е најтешко знам да му се јавам на уредникот на Алфа и да му кажам-Мето јас не можам повеќе. А, тој ќе ме охрабри со зборовите “Само мисли дека поради тебе на некој ќе му биде подобро”. И, пак се враќам на терен, меѓу човечките судбини и трагедии. Само да ги направам луѓето среќни. Да можам сите би ги наранила, сите би ги вработила, сите би ги излечила. Само да не чувствуваат болка никогаш повеќе.
*Каков профил на личности имате во предвид да интервјуирате до крајот на оваа сезона?
-Како и досега, така и отсега, ќе помагаме на сите кои ќе побараат помош. И понатаму ќе снимаме луѓе кои имале па немаат, луѓе кои никогаш немале ништо. Луѓе без покрив над главата…Многудетни семејства… Деца оставени од родителите…Луѓе кои се борат за своето здравје… Сите тие ќе добијат можност да го стават своето срце на дланка. 
*Што работевте досега како новинар, кое искуство во беше најмногу од полза?
-Повеќе од 20 години работам како радио водител. И се уште преку 103.4 на Клуб ФМ, секој ден од 12 – 14 часот. “Во канцеларија” на вработените им давам допинг да го издржат стресот од работниот ден. Инаку по вокација сум професор по јазик. Предавам турски и македонски јазик. Си ги сакам сите три професии. И да ми речете да се откажам од една, ќе биде како на мајка да и кажете да се откаже од своето дете. Баш вчера си размислував, колку сум среќна зашто го работам тоа што го сакам, и работата не ја чувствувам како обврска, туку како задоволство. А, ако го сакаш тоа што го работиш, нема да чувствуваш дека работиш, ниту еден ден во животот!
*Што се однесува до гледаноста, ги исполни или можеби и ги надмина вашите очекувања?
-Досега се емитуваа 13 епизоди во кои со екипата искрено се дадовме и вложивме. Од недела во недела емисијата руши рекорди на гледаност, но допрва “Срце на дланка” ќе го добие своето место под сонцето. Ова е единствената емисија со ваква тематика кај нас и во нас луѓето гледаат спас од сиромаштијата.
*Дека уште многу долго ќе има потреба од ваков тип на емисии, е повеќе од јасно. Помогнавте ли неколу со она што досега е упатено како апел, како барање за поддршка?
– Како што кажав и знаете, во моментов ова е единствена емисија од ваков тип. Факт е дека е повеќе од потребно постоењето на ваков тип програма. Јас и после снимањето останувам во контакт со луѓето. Пресреќни сме што на многумина им го сменивме текот на животот. Се изградија куќи, се собраа пари за лекување, се наполнија трпезите, се облекоа голите, се наполнија куќите. Тоа е наша награда и наша гордост. Јас, сум пресреќна кога ќе се разбудам и на порака ќе добијам насмевка или убав збор од луѓе на кои сме им помогнале. Сите ќе останат мои пријатели за цел живот.
*Генерално, по досегашните снимања и средби, кој е вашата порака како новинарка до Властите?
-Макар на еден ден да влезат во чевлите на овие луѓе. Макар на еден ден да јадат од софрата на нашите херои… Мислам дека уште истиот ден ќе им се смени менталниот склоп и повеќе ќе се мисли за обичниот народ, на луѓето кои се на работ на егзистенцијата.
*Можеби и не сте размислувале, но еден новинар кој следел социјални теми понатаму ми се чини не би можел лесно или не би сакал да се “прешалтува” во друг сектор. Инспирација е да се среќаваат луѓе од различни социјални сталежи, нивоа и со своја судбинска посебност. Уште поголема е да се надеваш дека со микрофонот и камерата ќе му го смениш правецот кон подобар живот, ќе му донесеш среќа и радост, ќе му помогнеш.
-И да имам шанса не знам дали ќе имам храброст да го напуштам народот токму сега кога сум му најпотребна, и, кога единствен спас и излез од проблемите гледа преку мене и “Срце на дланка”. Колку пати си велам себеси “зошто толку се соживуваш, зошто пак дозволи да те боли глава, па зарем цел свет ќе го оплакува?”. И токму тогаш, ќе ми заѕвони телефонот и некој од моите херои со солзи радосници ќе ми каже дека собрал пари за операција, добил компјутер и интернет за детето, му донеле мебел во празниот дом. Тоа е мојата награда. Еве додека го пишувам ова јас се наежувам од помислата дека на многумина сме помогнале и допрва ќе помагаме. Тоа е наградата за мене и за мојата екипа на која сум навистина горда. Да ја видиме насмевката кај народот. Да побараме од успешните, за да ги направиме среќни заборавените. Зашто, нашето малку, некому може да значи се!