дома Политика Свет ОН бараат итно ослободување на Навални

ОН бараат итно ослободување на Навални

70

Високиот комесаријат на ОН за човекови права денес изрази „длабока вознемиреност“ поради апсењето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и побара негово „итно ослободување“.

„Длабоко сме вознемирени од апсењето на Алексеј Навални и бараме негово итно ослободување и почитување на неговите права на соодветна постапка во согласност со законот“, напиша на Твитер Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Бачеле.

Комесаријатот на ОН за човекови права, исто така, повторно повика на „детална и непристрасна истрага за неговото труење“.

44-годишниот Навални беше уапсен синоќа откако пристигна во Москва. Тој престојуваше во Германија, каде беше префрлен во август, откако одеднаш се разболе за време на летот за Сибир. Лабораториите во Западна Европа заклучиле дека Навални бил отруен со нервен агенс од семејството новичок.

Навални го обвинува рускиот претседател Владимир Путин дека наредил негово труење и убиство, што Кремљ го негира.

САД и Европската унија го осудија апсењето на Навални и повикаа на негово ослободување. А.Р.