Повеќе од 2,5 милиони луѓе избегаа од Украина, соопштија во петокот агенциите на ОН, а дополнителни два милиони се раселени од своите домови во земјата од почетокот на руската инвазија на 24-ти февруари.

Обединетите нации планираат хуманитарна помош врз основа на претпоставката дека околу четири милиони украински бегалци ќе побараат засолниште во странство. Сепак, со околу 200.000 луѓе кои пристигнаа во соседните земји во изминатите 24 часа, претставник на ОН за бегалци рече дека можеби ќе треба да се ревидира таа бројка.

„Можно е бројката од четири милиони да треба да се ревидира. Тоа не би било изненадување“, изјави Метју Салтмарш, портпарол на агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) во близина на границата со Полска.

Хуманитарните агенции работат на обезбедување сместување со греење за илјадници бегалци кои чекаат на ниски температури на граничните премини, рече тој.

Стотици илјади луѓе се заробени во бомбардираните градови во Украина и немаат залихи, а двете страни меѓусебно се обвинуваат за непочитување на примирјето.

Во извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во петокот се вели дека психолошките служби ги обезбедуваат своите услуги од подрум во Украина поради безбедносната ситуација.