Долго очекуваниот состанок на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ, што требаше да се одржи на крајот на следната недела, а на кој се очекуваше на  Северна Македонија и Албанија формално да им биде одобрено отворањето на пристапните преговори, е  откажан на неодредено време.

Како што е потврдено во седиштето на ЕУ, правната служба на ова тело разгледува начини како да се најде преодно решение без физичко присуство на лидерите. Во соопштението издадено од Европскиот совет се наведува дека лидерите на ЕУ се согласиле да продолжат со виртуелни дискусии. И наведуваат дека ќе одржат уште една видео конференција следната недела за да разговараат за актуелната ситуација во врска со ширењето на корона вирусот.

Со оглед на новонастанатата ситуација со коронавирусот и самоизолацијата во која се наоѓаат претставниците на Европскиот совет, не постојат правни можности за организирање на самитот. Според деловодникот најмалку две третини од претставниците на Европскиот совет мора да бидат присутни за да гласаат за одредено прашање на редовниот самит, а во овие услови тоа не е можно. Со ова пропадна и можноста и официјално да се одлучува за започнување на пристапните преговори со Скопје и со Тирана.

Според процедурата, договорот секогаш се постигнува на министерско ниво, но се бара формален печат на лидерите кои даваат согласност за започнување на преговори за членство. Самитот беше закажан за 26-27 мартво Загреб.