дома Култура Театар и Филм Отворена изложбата „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“

Отворена изложбата „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“

21

Во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, Кинотека на Македонија, синоќа, во битолскиот културен центар „Магаза“ ја отвори изложбата и ги започна филмските проекции со кои се одбележува 60- годишнината од премиерата на македонскиот игран филм „Мис Стон“ под насловот „Мис Стон: Некаде помеѓу Елен и Автономија“ изложени се фотографии, документи, преписки, сценарија, прес-клипинзи, книги на снимање, сценографски скици, пропаганден материјал и друга архивска граѓа. По повод јубилејот, пред македонската јавност и филмската публика е презентиран значаен дел од сочуваните материјали кои денес се дел од збирката на пишувана документација на архивот на Кинотеката на Македонија. Своевремено, „Мис Стон“ бил меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во боја, но и во тоталскоп техника.

-Филмот „Мис Стон“ почнал да се снима во 1958 година и неговото снимање не поминало така лесно, тоа бил голем проект и сето тоа може да се види низ овие 20 изложени паноа, каде се гледа целата историја на „Мис Стон“. Може слободно да се нарече филм зад филмот. Филмот живее многу богат живот до 1962-та година до поплавата што го погоди Скопје и голем дел од материјалите во „Вардар филм“ се уништени и тука запрела меѓународната дистрибуција на филмот. Сепак, Кинотека има изработено заштитна копија од повеќе различни копии. Се надевам дека набрзо ќе направиме и дигитална реставрација со која ќе го вратиме филмот во живот, рече Владимир Ангелов, директорот на Кинотека на Македонија.

Тој најави дека филмот ќе се прикаже на Деновите на македонски филм во Загреб, од 3 октомври, во култното кино „Тушканац“, каде ќе биде поставена и изложбата.

Директорката на ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска рече дека со радост ја прифатила неговата идеја да се постави оваа изложба за време на фестивалот, бидејќи со директорот Ангелов споделуваат слични ставови за она што значи зачувување на филмот и македонската кинематографија.

-Кинотеката на Македонија е наш партенер заедно со Агенцијата за филм, Општината Битола, Завод и музеи Битола, Центарот за култура и Народниот театар во Битола и сите тие имаат свој влог во зачувувањето на македонската култура и филм. Ова е еден од тие драгоцени настани. Кинотеката на Македонија е една ретките институции, која и покрај тоа што се соочува со недостиг на средства, се потруди оваа изложба да изгледа навистина достоинствено, рече Теодосиевска.

Сара Логан ХофСтеин, синоќа беше гостинка на Студентската програма. Но, најинтересниот момент од годинешната Студентска програма беше дружењето на Роџер Дикинс со студентите, вели Ѓорѓи Пулевски, селекторот на Студентската програма.

-Директорката Гена Теодосиевска и јас чувствувавме дека нема да има доволно време студентите да го прашаат Дикинс за сите работи и затоа го замолиме легендарниот кинематографер на еден неформален начин да посвети време за идните филмски автори. Се создаде одлична атмосфера, средбата траеше подолго од планираното, студентите поставуваа најразлични прашања: за осветлување за други технички решенија поврзани со со неговата работа, но сакаа да дознаат и за неговата животна филозофија.

Две интересни работи што ги кажа Дикинс ми оставија впечаток: начинот на справување со грешки кои не антиципирани и како тие да се решат во истиот мкмент, а сподели и тоа дека двапати бил отпуштен од работа и но тоа не го поколебало да се откаже од работата. А на почетоците на кариерата, некој продуцент му кажал дека не го бива многу за кинематограферската работа, кажува Пулевски.

Студентската програма годинава, првпат е толку амбициозна со толкумногу работилници.

-Сакавме оваа програма да биде впечатлив белег за студентите кој ќе стане фундамент за развивање на нивните техничи и креативни капацитети, секоја наредна година ќе гледаме да ја реализираме оваа идеја, вели Пулевски.