Пишува: Наташа Доковска

Низ падините на Галичица по стрмогавото земјано патче кое се сечеше со регионалниот пат Р2332 истрчаа две срни и ја пресекоа колоната возила во истомениот националне парк. Глетката на овие диви животни во планината е се поретка! Причините за тоа се различни, но најважаната е што природното движење на дивите животни кон езерската вода е нарушено со километарска жичана ограда поставена пред 16 години.

На местото каде што пред 70 години беше поставена првата туристичка населба за комерцијален туризам во некогашна Југославија, веќе повеќе од 20 години личи на логор. Верувале или не, некогашното луксузно летувалиште и надалеку познатиот хотел Јусгославија во кој своевремено престојувал и доживотниот претседател Тито, денеска во трка по пари на неколку среброљубци стана збирштина на криминалци и мигранти. Отешево, познато по својата клима, уредени плажи и керамичката колонија која секоја година собираше уметници од цел свет. Сега пак, нема ни Т од туризам во некогашната велелепна и скапа туристичка населба…Да не е серијата „Преспав“, верувам дека новите генерации немаа ни да слушнат, ниту да знаат дека под Галичица некогаш постоело престижно туристичко царство.

Ентериерот на хотел Европа
Хотел Европа како место за нелегален престој на бездомници

Приказната почна кога од нигде никаде се одлучи да се урне стариот хотел Југославија и на него да се изгради нов, под името Европа…И, би Европа…само не онаа што ја познваме и што ја посакуваме! Се изгради хотел со 4 ѕвезди кој никогаш, ама баш никогаш не ја доби вистинската „душа“ што ја бараше!!! Со ништо не можеше да се мери со некогашниот хотел, а дотоллку повеќе што со неговата изградба се наруши биолошката рамнотежа на животната средина во Отешево.

Да не говорам дека бројот на туристи драстично се намали, а и кампингот во кој беа сместени прекрасните вили се запусти. Од другите хотели во населбата остана да работи само еден од хотелите кои прво го купи една осигурителна компанија, а потоа сегашниот газда, повратник од странство…Другото се отиде во неповрат. За жал!

А народот, пак, остана со прстот во уста!

Историјата на Аква Пура

Неколку години по изградбата на хотел Европа, од досега се уште не разјаснети причини до темел изгоре хотелот. За тоа никој не одговараше!!! Меѓу приказните за заинтересираните богати шеици и берзански магнати, од нигде никаде се појавија голобрадите Португалци. Во улога на купци се јавија Португалци, кои стоеја зад компанија со име и презиме „Аква Пура“!

Потписникот на овие редови како вљубеник во Преспа и Отешево, каде патем го помина целото тинејџерство во летните месеци, неможејќи да се помири дека се избриша местото каде го минуваше најубавиот дел од животот – се израдува како мало дете кога слушна дека се најде јунак да го опраи Отешево. И повеќепати, во улога на новинар ги контактираше посочените лица од Аква Пура, како и тогашниот македонски амбасадор во Португалија, Плевнеш, да ни рраскажат која е вистината за рајот на земјата! Информациите се нижеа како ѓердан и која од која поубава и по оптимистичка. Едно време дури на шега им викав на моите роднини дека ќе се преселам во Ресен и ќе се вработам во Аква Пура и ќе придонесам за враќањето на сјајот на некогашниот рај!

Но, се излажав!!!

Не се случи ама баш ништо од ветувањето, Никој никогаш не разбра дали беа префрлени 50 милиони евра на сметката на изгорениот хотел, ниту чије е сега земјиштето. Според мое убедување е нечие, или оние на кои им треба засолниште, а за што говорат сликите направени од мои пријатели кои ми ги испратија да ме потсетат дека „лек“ за Отешево нема. А, на сликите меѓу изгорените остатоци од хотелот, кои покрај тоа што се грда слика за туристичката населба, се директен атак и за животната средина, сега се кријат дел од мигрантите кои тука си нашле мирно засолниште. Не заради нето друго, туку заради тоа што тоа место сега е ничие, и кога е ничие никој ништо не ти може, нели!

Ако се вратам хронолошки наназад приказната течеше вака:

На средината на 2004-та еден наш во тоа време политичар ми пушти абер дека Отешево ќе стане Ибица! Веднаш добив контакт од одговорниот од Португалија, од нашиот тогашен амбасадор, ополномошен и за Португалија, како и од тогашниот почесен конзул на оваа земја кај нас.

Барајќи по материјалите што сум ги пишувала во тоа време, бидејќи други извори на информација сега за сега нема, наидов дека на површина од педесет хектари ќе биде изграден комплекс во кој ќе има бутик-хотел со 50-70 соби и уште 50-70 вили. Автор на проектот е Мануел Аирес Матеош, за кого е најавено дека “ќе ја започне ренесансата на Преспа“, ставајќи ја на врвот од светскиот елитен туризам. Предвидено е комплексот да се гради три години и првите гости да ги дочека во 2011 година.

Сега сме на средината на 2020-та, а Отешево полека но сигурно се брише од мапата на туристички населби.

Своевремено, односно за  време на церемонијата на наводното започнвање на изградбата на ресортот, кога во Преспа, поточно во Отешево се собраа еден куп неjзини поклоници, пред лoкалното население и тогашната политичка свита, со тапани се најави започнувањето на изградбата. А беше одбран и посебно важен ден за Преспани, седмата манифестација Преспански јаболкобер, каде што „новите газди“ добија признанија “златно јаболко”. Се пиеше, јадеше и пееше цел ден. Се постави една трака околу плажата, како трло во кое не ставија оние кои добија пропусница да влезат. И толку…Приказната падна во заборав…

А, дента многу ветуваа.

Наводниот ресорт кој требаше да ги прими првите гости во 2011 година!

Претседателот на Управниот одбор на Аква Пура, Диого Ваз Гедеш кој за таа прилика мавташе со проектот од импровизираната бина во Отешево, најави инвестицијата од 50 милиони евра .Тој тогаш вети:

– Туристите кои доаѓаат од цел свет не сакаат да останат затворени во хотелот, туку ќе сакаат да посетат и некои други ресторани, да прошетаат со брод, да видат нови работи. Со своите трезори од илјадници години, со своето магично езеро и со фреските на Ангелот од Курбиново, Преспа ќе биде препознатлива на сите меридијани – порача Гедеш на свеченоста, велејќи дека услугите на Аква пура ги користат туристи од цел свет, но очекува оние од Европа да бидат најбројни во Отешево.

Почесниот конзул на Македонија во Португалија, Педро Кудел, кој исто така беше награден заедно со Гедеш, потсети дека првите контакти биле направени во јануари 2004 година, кога тој заедно со амбасадорот Плевнеш организирале посета на претседателот Борис Трајковски, при што тој ги поканил бизнисмените со визија да инвестираат во Македонија.

– Мојот омилен херој Александар Велики од Македонија пред 2300 години се одушевувал од Хераклеа, Лихнидос и Преспа. Тој сонуваше за светска заедница на народите. Со Аква пура во Преспа, светската заедница ќе ја открие земјата на Александар,- изјави Кудел, за што доби аплаузи од многубројните гости.

Циркусот заврши, оградата кај што се одржа церемонијата на удирање темелник, иако такво нешто не видовме, остана да „држи влага“ уште некој месец, и толку.

Каде е иднината на Отешево?

Оттогаш наваму претставата за елитниот туризам во Преспа и Отешево остана расфрлена во Езерото, кое и тоа како да се лути на игрите поврзани околу оваа населба, полека но сигурно си заминува. Истекува!!!

Сомнежите за корумптивни зделки остануваа меѓу адвокатските канцеларии – застапници на „капиталот“ и локалната самоуправа во чии раце е лекот и решението по пример на рудениците во Источна Македонија. Освен инвестициите во милионската плажа во Стење, и неколку вододводни ископи, друга инвестиција нема, освен хемикалиите во јаболката за кои нема увид во колкава количина се користат и посредното труење на земјиштето и езерото од нив.

За сметка на Отешево, за кој ама никој од одговорните не сака да говори, ниту да каже дали некој прими 50 милиони евра за ревитализација на населбата, ниту пак чие е земјиштето, останатите населби колку толку заживуваат. Стење доби убава плажа, Коњско стана елитна населба со вили која иако е во рамките на НП Галичица се гради. Од другата страна, пак, на Езерото, под пазувите на Пелистер, во туристичката населба Претор плажата веќе неколку години е разубавена и се одржува во кондиција. На плажата има и ресторани и кафулиња, но, за жал, нема пристојно сместување. Во функција се ставени неколку работнички хотели. Сите други објекти во Претор, кој своевремено беше најголемото сврталиште за битолчани и жителите од Преспа, сега тоне во заборав. Во историјата заминаа објектите на Црвен крст, на „Транскоп“, камповите на трикотажата „Пелистер“, на СОК, на „Македонија пат“. Додека се’ уште можат делумно да се користат хотелот на Шеќераната, камповите на прилепски „Црн бор“, на Македонски железници и хотелот на „Преспа турист“. Единствено во континуитет работат феријалното летувалиште „Преспа Претор“ на битолските феријалци и детското одморалиште „Мите Богоевски“.

Сливница, пак, од година во година, станува една од најпосетуваните плажи долж брегот на Преспанскот Езеро. Со атрактивната и песоклива плажа успеа на сметка на неинвентивноста на локалната власт да си направи своја мала оаза меѓу необработените диви плажи, неуморната сопстевничка Цоца, концесионерот на плажата, која нуди исклучително вкусна храна од преспанското поднебје подготвена на традиционален начин. Но, Сотирка Стеријовска – Цоца, како концесионер на плажата во Сливница веќе побарала од Општината да и’ дозволи изградба на бунгалови,  но се уште нема дозвола за тоа„.

За разлика од Сливница и Претор, каде што има услови за капење и сончање, малку подолу по брегот на Преспанското езеро во Крани може да се најде сместување, но не и плажа. Целото крајбрежје од пред некоја година е обраснато со трски. Летувалците од Крани се приморани да патуваат и по неколку километри до Асамати за да можат да излезат на плажа. А, Крани е посебна приказна. Таму за разлика од останатите места на крајбрежјето водата е многу потопла и климата е исклучително блага.
Граничниот премин кој е на неколку километри од селата Долно Дупени и Наколец,  ветува европски туристи и брз развој на туризмот. Биодиверзитетот и богатството на културно историски објекти, на западната страна и НП Галичица на северната страна во чие подножје се наоѓа пеплосаната Аква Пура, се богатство кое не смее да остане во заборав од централната власт. За овие природни убавини, вклучувајќи го и единствениот остров во Македонија одговорни сме сите, а најмногу засегнатите страни -локалното население кое изгледа како глувче заточено во закопаното богатство.

 

(Сторијата е изработена во рамките на проектот ” Следи ги инцидентите – (не)намерни пропусти и загадување на животната средина”, во имплементација на  Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје , суб-грант на проектот „Заедно во борба против корупција “– финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Центарот за истражувачко новинарство СКУП МАКЕДОНИЈА од Скопје во соработка со Институтот за човекови права (ИЧП) од Скопје и Центарот за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ од Гостивар,” – Скопје.

Содржината на оваа публикација е исклучиво одоговорност на Здружение за еколошко одржлив развој ЗЕЛЕН ИНСТИТУТ Скопје  и во ни еден случај не ги одразуваат гледиштата на Европската унија, ниту на имлементаторот или партнерите на имплементаторот на овој проект.)