Во сенка на превентивните мерки поради коронавирусот кој одложи бројни културни и музички настани во земјава, организаторот на фестивалот на музика од светот „ОФФест“ денеска ја најави комплетната програма на своето 19-то издание кое треба да се случува од 2 до 6 јуни во Скопје.

-Со внимателен оптимизам и голема возбуда ви ја претставуваме комплетната програма на 19-тото издание на ОФФест(2-6 јуни). Таа е свежа, разновидна, силна и возбудлива, повеќе од кога било – вели во најавата на фејсбук страната организаторот на годинашиот ОФФест.

На листата на изведувачи се наведени извонредното дуо LINA_ RAÜL Refree (Португалија/Шпанија) кое како што се вели, испорачува осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, а со чиј концерт ќе започне годинашното издание на фестивалот.

Иранско-турската соработка на легендарниот Kayhan Kalhor и Erdal Erzincan ветува исклучително концертно доживување од највисок светски ранг. Волшебната пејачка и раскажувачка Silvia Perez Cruz (Шпанија) е позната по својот интимен, сензуален, заводлив и длабоко возбудлив настап. Уникатната разновидност на Maria Mazzotta (Италија) совршено одговара на неодоливиот шербетски вкус на Baklava (Македонија).

Величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригиналните африкански автори BLICK BASSY (Камерун/Франција) во комбинација со фуриозниот highlife funk и afrobeat на Santrofi / Santrofiofficial (Гана) создаваат услови за беспрекорна африканска вечер. Фасцинантниот електро-психоделичен музички огномет на колумбиските тропски велемајстори Los Pirañas одлично се вклопува во источноафриканската ретро-поп визија на Alsarah & The Nubatones (Судан/САД). Конечно Mawimbi (Франција) со својот еклектичен диџеј сет повикуваат на танц до доцна во ноќта, најава за одлична завршница на годинашното 19-то издание на фестивалот на музика од светот.